Дваесет вооружени агенти на американското Федерално биро за истраги (FBI) упаднале во средата и извршиле претрес во домот на дописничката на руската државна телевизиска куќа RT во Мајами, објави телевизијата на својот канал на Telegram.
Според објавата, во домот на дописничката која работела од Мајами агентите упаднале утрото околу 5 часот по локално време. „Соработничката во тоа време спиела. Не ѝ дозволиле да се облече. Таа беше удирана и претресувана“, се вели во објавата.
Се појаснува дека во домот на младата жена, чиешто име не е објавено поради безбедносни причини, одеднаш влегле 20 вооружени агенти на FBI. Потоа девојката била испрашувана околу пет часа. Разговорот се однесувал на главната уредничка на RT, Маргарите Симонјан и другите врвни менаџери во медиумска куќа.
„Специјалците ја проверувале и преписката со нив. За тоа барале (од неа) да го отклучи телефонот. Сите уреди потоа ѝ се одземени“, се додава во објавата на RT.
Се наведува дека агентите на FBI особено се интересирале за колумнистот на RT, поранешниот американски воен разузнавач Скот Ритер, познат по своите критички ставови кон Вашингтон во однос на војната во Украина. Покрај тоа, агентите се обиделе од новинарката да ги дознаат деталите за финансирање на телевизијата.
Официјално обвинение не е покренато против новинарката, но ѝ било предочено дека се смета за осомничена во одреден случај. Поради оваа акција на FBI, новинарката морала набрзо по упадот поради сопствена безбедност да ги напушти САД.
Американското Министерство за финансии на 4-ти септември воведе санкции против главниот уредник на руската државна медиумска групација Россия сегодня, Маргарите Симонјан, како и против нејзините заменици Антон Ансимов и Елисавета Бродска. Покрај нив, санкционирани се и шефот на информативната програма на RT, Андреј Кијашко, шефот секторот за проекти во дигиталните медиуми Константин Калашников и други вработени во телевизијата.
Истовремено, американскиот Стејт департмент ги заостри условите за работа на медиумската групација Россия сегодня и нејзините подружници, дефинирајќи го нивниот статус како „странски мисии“. Како што налага законот, од нив ќе се бара да ја известат агенцијата за персонал и имот којшто работи во САД.
Американските власти, исто така, објавија нова политика со која се ограничува издавањето визи за поединци кои наводно 2дејствуваат во име на медиуми поддржани од Кремљ“. Сепак, Стејт департментот одби да открие кој конкретно бил засегнат од овие ограничувања. Коментирајќи ги новите санкции, официјален претставник на Стејт департментот рече дека тие не се насочени кон поединечни руски новинари, туку кон вработени во организации кои подлежат на ограничувања кои биле „ангажирани во незаконски активности“.
Покрај тоа, американските власти го обвинија Калашников и уште една вработена во RT, за заговор за перење пари и кршење на Законот за регистрација на странски агенти (FARA).
Станува збор за американскиот Закон за регистрација на странски агенти (FARA) од 1938 година кој уште е на сила и е осмислен да го ограничи влијанието на странските влади и странската пропаганда во САД, кој налага од „агентите“ или оние што ги промовираат интересите на странска сила или „странскиот налогодавец“ да го обелоденат таквиот однос и какви и да се активности или финансирање поврзани со промовирање на споменатите интереси.
Сепак, САД ги критикуваат за кршење на слободата на говорот сите други земји кои последниве години носат слични закони на американскиот, во прв ред Русија а од неодамна и владејачката партија во Грузија.