![policija-dvojazicni-uniformi](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/03/policija-dvojazicni-uniformi.jpg?resize=620%2C620&ssl=1)
Двајца битолчани се осомничени за крадењето бакарни цевки од централниот довод за медицински гас во Специјалната болница за нефрологија во мај годинава, соопшти денеска СВР – Охрид.
Одделението за внатрешни работи – Струга поднело кривична пријава против Ѓ.В. (29) и Б.В. (23), двајцата од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторени три кривични дела „тешка кражба“.
Осомничените, како што соопшти СВР – Охрид, во три наврати насилно сечеле бакарни цевки во „струшката дијализа“.
– Тие, во периодот од март до мај оваа година, во кругот на ЈЗУ„Специјална болница за нефрологија“, лоцирана на улицата „Партизанска“ во Струга, со употреба на остар алат, насилно пресекле и одзеле повеќе бакарни цевки, информира портпаролот на СВР – Охрид, Стефан Димоски.
Пријавените, според информацијата на СВР – Охрид, на 30 мај оваа година, ја пресекле цевката на централниот довод за медицински гас до операционата сала во зградата, при што предизвикале дефект на системот за кислород.