Двајца доктори од СДСМ се откажаа од советнички места, директорската функција сепак е помила

Виктор Исјановски

Д-р Виктор Исјановски, директор на Здравствениот дом-Скопје се откажа од советничкото место во Општина Карпош. Тој беше трет на листата на владејачката СДСМ, но смета дека професионалниот ангажман кој го има како прв човек во оваа здравствена институција, како и ангажманот како професор на Медицинскиот факултет, остануваат негови приоритети.

-Не останувам на советничкото место. Веќе напишав изјава на нотар која е поднесена до Општинската изборна комисија во Карпош, што значи дека на мое место ќе биде следниот кандитат, односно оној кој беше деветти по ред на листата на СДСМ, бидејќи влегуваат првите осум. Јас останувам максимално посветен сега на работата во Здравствен дом Скопје, како и професор на Медицинскиот факултет, вели д-р Исјановски во изјава за Фактор.

Нагласува дека веќе од петок се зголемува обемот на работа во скопските поликлиники во насока на имунизацијата, бидејќи се стартува со вакцинација против сезонскиот грип.Инаку, тој не е единствениот лекар кој се откажа од советничкото место во општинските совети. Директорката на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, д-р Софија Пејкова, која беше носител на листата за Град Скојпе, уште вчера изјави дека се повлекува од Советот на Град Скопје поради зголемен професионален ангажман во установата со која раководи.

Софија Пејкова

Доколку лекарите одлучија да ги задржат сoветничките места, согласно Изборниот закони ќе мораа да се откажат од директорските места.

Се поставува прашањето зошто воопшто влегоа во битката за советнички места на локалните избори бидејќи во професионалниот домен работите сигурно не се  смениле за една недела, па баш сега ненадејно толку се зголемил обемот на работа? Или, пак, проекциите не излегле баш како што посакувале?