![KJCLA3PDSJALLA3NNYA3K6UYBU](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/04/KJCLA3PDSJALLA3NNYA3K6UYBU.jpg?resize=696%2C435&ssl=1)
Припадници на париската полиција отвориле оган врз автомобил, откако возачот не го почитувал барањето да го запре возилото за проверка, пренесуваат ноќта кон понеделникот француските медиуми.
Инцидентот се одиграл во областа на мостот Пон-Неф, во близина на стоковната куќа „Самарјанин“, пренесува порталот Actu17. Според порталот, возачот прво застанал на барање на полициската патрола, но потоа при проверката одеднаш притиснал на педалата за гас и тргнал кон полицајците. Еден од патролата во самообдрана бил принуден да пука, пренесува Actu17.
Според неговите информации, во автомобилот имало три лица, од кои две загинале а третото се здобило со повреди и е хоспитализирано. Во пукањето смртно биле застрелани возачот и сопатникот на предното седиште, додека сопатникот кој седел на задното седиште бил ранет во раката и подоцна бил хоспитализиран.
Електронското издание на дневниот весник Le Parisien, повикувајќи се на неименуван полициски извор, наведува дека допрва треба да се утврдат околностите, но дека според една верзија возачот го управувал автомобилот во погрешна насока и одбил да постапи по наредбата, принудувајќи ги полицајците да го употребат оруќјето налетувајќи на нив.
Агенцијата AFP засега кусо информира дека полицијата отворила оган врз автомобил во центарот на Париз, и оти притоа загинале две лица.
Засега нема официјални извештаи за инцидентот кој се случи на крајот од вториот круг на француските претседателски избори на кои беше реизбран досегашниот шеф на државата Емануел Макрон.
Медиумите, исто така, не објавуваат дали случајот е поврзан со бројните собири на прослава за победата на Макрон, но и протестите на неговите противници во Париз и во Франција ноќта кон понеделникот.
Областа во која се одиграл инцидентот е блокрана и полициски и форензички тимови работат на месото на настанот.
Инцидентот се случил само неколку часа по собирот на приврзаниците на францускиот претседател Емануел Макрон на Марсовите полјани, каде што тој имаше обраќање по реизборот на должноста.