Двајца Украинци осудени за кражба на 1,3 милиони евра од банкомати во БиХ

Двајца украински државјани се осудени на по шест години и десет месеци затвор во Босна и Херцеговина за серија компјутерски измами при кои успеале да украдат 1,3 милиони евра од банкомати низ земјата.

Во текот на 2020 година, 42-годишниот Дмитро Бојко и 61-годишниот Олександр Зајцев и уште пет други државјани на Украина користеле различни софистицирани компјутерски алатки и програми и пристапувале до банкомати на руската „Сбербанк“ на 24 локации. Во овие операции со измама земале поголеми суми пари. На овој начин тие и другите членови на групата се стекнале со противправна имотна корист во износ од околу 2,6 милиони конвертабилни марки (околу 1,3 милиони евра), извести жупаниското обвинителство во Тузла.

Бојко и Зајцев беа уапсени во областа на Бихаќ во февруари 2020 година и оттогаш се во притвор. Според соопштението, Врховниот суд на Федерацијата Босна и Херцеговина донел правосилна пресуда со која двајцата се осудени на вкупно по шест години и десет месеци затвор. Во нивната казна ќе биде вклучен и периодот поминат во притвор од 2020 година, наведуваат во соопштението.

При последниот криминален чин, двајцата неовластено подигнале околу 50.000 евра од банкомат на „Сбербанк“ во БиХ, која во меѓувреме ја промени сопственичката структура по руската инвазија во Украина. Тие пари се одземени и вратени на сопствениците.

Жупаниското обвинителство на округот Тузла, во соработка со Федералната полициска управа и други полициски агенции во Босна и Херцеговина, спроведо истрага против седум Украинци. Со оглед на тоа што петмината не им се достапни на правосудните органи во Босна и Херцеговина, ова кривично гонење им е доверено на украинските полициски агенции и тамошните правосудни институции.