Двајца водачи на ОВК на распит пред Специјалниот суд за воени злосторства во Косово

Заменикот командант на Генералштабот на Ослободителната војска на Косово (ОВК) Сокол Башота и поранешниот командант на ОВК Наим Маљоку ќе се појават денеска и утре на распит пред Специјалниот суд за воени злосторства за време и по војната од 1998-99 година во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Башота, според порталот „Газета Експрес“, ќе биде интервјуиран денеска во Хаг, додека Маљоку ќе се соочи со истражителите на хашкиот суд утре во главниот град на Словенија, Љубљана.

Поранешниот втор човек на Генералштабот на ОВК изјави дека отпатувал вчера за Холандија, каде што за денеска му е закажано тричасовно интервју во Специјалниот суд, чие седиште е во Хаг.

Тој порача дека е среќен што му е укажана можност да даде, како што изјави, „придонес во служба на татковината за време на светата борба на ОВК и потоа во подигањето на државните институции на земјата“.

– На татковината и на народот ќе им служам секогаш кога ќе имаат потреба од мене. За нашата правична и човечна, за чистата борба на ОВК ќе одам да сведочам секаде каде што ќе ме повикаат, изјави Башота.

Веста дека исто така е повикан на распит од хашките истражители, Маљоку ја објави на својата страница на Фејсбук, каде што информира дека интервјуто ќе се реализира утре и задутре во просториите на Окружниот суд во Љубљана, каде што живее, затоа што поради здравствената состојба не може да патува за Хаг.

– Со споменатиот суд ќе се соочам сам, без адвокат. Цел живот, со моите можности, знаење и професионални способности и без никаков личен интерес, сум се трудел да бидам во служба на татковината. Таков сум и таков ќе останам, напиша Маљоку.

Во јули годинава од Специјалниот суд, во својство на осомничен за воени злосторства, беше повикан и косовскиот премиер Рамуш Харадинај, кој пред да отпатува за Хаг поднесе оставка од функцијата. Деновиве покани добија и две пратенички во досегашното косовско Собрание, Тиме Кадријај и Сафете Хадерѓонај – првата како лекарка во ОВК, а втората како припадничка на таа воена организација.

Специјалниот суд во Хаг, познат во косовската јавност како „Суд за ОВК“, го водат меѓународни обвинители и судии. Формалната работа оваа меѓународна правна институција ја започна на 14 јануари годинава, со испитувањето на еден од поранешните команданти на ОВК.

Покана да се јават пред обвинителството, во својство на осомничени или сведоци за злосторства против цивилното албанско и српско население во Косово за време и по последната војна со Србија, според досегашните информации, имаат добиено неколку десетици (според некои медиуми до 70) поранешни команданти или други припадници на ОВК. Истрагите, како што е најавено, се сконцентрирани на претпоставени злосторства во периодот од јануари 1998 до декември 2000 година.

Првите обвиненија, според приштинските медиуми, се очекува да бидат подигнати до крајот на оваа година.