Двајца загинати и 16 повредени во железничка несреќа во Египет

 

Две лица загинаа, а 16 се повредени во железничка несреќа северно од Каиро, соопшти египетското Министерство за здравство.

Во соопштението на министерството се наведува дека повредените се во стабилна состојба.

Египетската национална управа за железници соопшти дека до несреќата дошло кога патнички воз кој влегувал во станицата Калјуб минал низ сигнал за запирање. Наместо да закочи, тој продолжил по патот и удрил во бариерата на крајот од патеката.

„Ова доведе до излетување од шините на локомотивата и првиот ваггон“, се вели во соопштението на властите.

Железничките несреќи во Египет најмногу се припишуваат на лошата инфраструктура и одржување.

Во март 2021 година, најмалку 20 луѓе загинаа, а речиси 200 беа повредени во железничка несреќа во јужен Египет.

Една од најсмртоносните несреќи во Египет се случи во 2002 година кога пожар зафати преполн воз јужно од главниот град, при што загинаа 373 луѓе.