Двете македонски амбасади, во Каиро и во Тел Авив, се во постојана комуникација со надлежните институции на Египет и на Израел, со цел евакуација на двајцата македонски државјани, брачна двојка, којашто се наоѓа во Појасот Газа, поточно во градот Кан Јунес, на 12 километри од граничниот премин Рафах кон египетски Синај.
Како што информираа денеска од Министерството за надворешни работи, двојката е сместена во болница на Црвената полумесечина и во моментот е на безбедно.
„Со посредство на нашите ДКП-а, ставени се на официјалната листа за евакуација и се чека да бидат создадени услови за нивна евакуација, што во најголема мерка зависи од состојбите на терен, кои во моментот не може да се предвидат. Остануваме во секојдневна комуникација со нив, се до нивно евакуација на безбедно“, соопштија од МНР.
Во меѓувреме, потенцираат од МНР, работиме на идентификување и прибирање податоци за евентуално други наши државјани кои би можеле да бидат затекнати во Газа, за што уште еднаш потсетуваме на нашите контакти: СОС телефони на МНР- 075/ 273- 732 и 075/268-736, дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378 и дежурниот телефон на Амбасадата во Кајро +201033615542.