Два гола на Мбапе за победа на Реал над Бетис

Во четвртото коло во шпанската Ла Лига, фудбалерите на Реал Мадрид ја постигнаа втората победа, совладувајќи го Бетис на домашен терен со 2:0.

Повеќе од еден час Реал се мачеше, односно Бетис играше многу добро. Гостите од Севиља се заканија, но не успеаја да го совладаат Тибо Куртоа и да донесат дополнителен немир кај домашните.

Потоа Килијан Мбапе го реши натпреварот со два гола, во 67. и 75. минута од дискутабилно досудениот пенал на гостинскиот голман над Винисиус кој се чини го „измами“ ВАР-от, со што го скрши отпорот на Бетис. Ова беа први првенствени голови на Мбапе по пристигнувањето во Мадрид. Претходно тој постигна еден гол против Аталанта во Суперкупот на Европа.

Втората победа во новата сезона ја забележаа фудбалерите на Жирона, тие во 4. коло на гости ја совладаа Севиља со 2:0. Жирона сосема заслужено славеше на стадионот „Санчез Писхуан“ откако Иван Мартин во 41. минута го постигна првиот гол. Брзата и прецизна акција на противничката половина од теренот ја заврши Мартин со гол од непосредна близина. Сѐ беше решено во 73. минута кога Абел Руиз од пенал погоди за конечни 2:0. Севиља сѐ уште е без победа во сезоната.

Хетафе и Реал Сосиедад одиграа дуел без голови, па Хетафе ремизираше и во третиот натпревар од новата сезона. Гостите од Сан Себастијан го одиграа првото реми сезонава, а Реал Сосиедад остана без хрватскиот репрезентативец Лука Сучиќ.

Втори првенствени победи, во дуелите од четвртото коло, забележаа и Осасуна и Алавес. Осасуна на домашен терен во Памплона ја победи Селта со 3:2.

Осасуна го постигна првиот гол во 21. минута, кога стрелец беше Бојомо. Гостите од Виго брзо израмнија, во 29. минута Борха Иглесијас постигна гол за 1:1. Во самиот финиш на првото полувреме Осасуна се врати во водство со автоголот на Домингез, додека Абел Бретонес во 62. минута погоди за 3:1, запечатувајќи го славјето на Осасуна. Во судиското надополнување, Гомез ја погоди сопствената мрежа, но Селта не можеше да стори повеќе од конечните 2:3.

Алавес на домашен терен го победи Лас Палмас со 2:0. Уште во седмата минута Карлос Висенте ги доведе домаќините во водство, додека во 78. Тони Мартинез погоди за 2:0 и со тоа го потврди славјето на својот тим.