Два меча на годинешниот трет гренслем турнир Вимблдон биле наместени, објави угледниот германски весник „Ди Велт“, кој дошол до информации за големи уплати и манипулација со резултати на неофицијалното светско првенство.
Вимблдон во неделата заврши со триумф на најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ, кој стигна до својата 20-та гренслем титула и се израмни со Роџер Федерер и Рафаел Надал, а според германскиот весник, двата наместени мечеви се по еден во машки двојки и еден од првото коло во машка конкуренција во сингл.
Првиот меч кој е наместен е во двојки, а не се потенцира кој дуел е, освен дека првиот пар го освоил првиот сет, а потоа ги загубил следните два, но сомнително е тоа што после освојувањето на првиот сет, биле забележани огромни суми на пари кои се уплаќале во обложувачници за пресврт и дека таа машка двојка ќе загуби.
Вториот сомнителен меч е во машка сингл конкуренција во меч на кој играл еден германски тенисер, а во првото коло имало дури седуммина Германци. Но, Германецот е само случајно вплеткан во местенката, зашто мечот е сомнителен за тоа што го правел противникот.
Се наведува дека петоцифрена сума на пари е уплатена пред крај на вториот сет и тоа на точен резултат, а имало уплати и на вкупен број на гемови. И двете уплати, како што пишува „Ди Велт“, биле добитни.
Една руска тенисерка годинава беше уапсена на Роланд Гарос, поради местенка во минатата година на францускиот гренслем.