Два пожара во Крива Паланка

173

За неполни триесет минути во четвртокот во Крива Паланка избувнале два пожари. Во едниот пожар се запалила шума, додека во вториот гореле вишнови дрвца.

„Дојавата за првиот пожар ја примивма во 14,17 часот, за запалена шума во местото Мезовски ливади. Според мештаните пожарот бил предизвикан од искрење на жици од далновод, поради појавата на ветар. Интервениравме со едно возило и двајца пожарникари“, информираше Иле Коцевски, командир на Територијална противпожарна единица Крива Паланка.

Додаде дека опожарени се 1,5 декари багрем, а пожарот е изгаснат во 16 часот.

„Втората дојава ја добивме во 14 часот и 40 минути, за помалку од половина час по првата. Запалени се родни дрвца-вишни во населбата Белево. Постоеше опасност пожарот да се прошири кон домовите во близина,но мештаните реагирале експресно и го изгаснале пожарот. Опожарени се еден ар вишни“, рече Коцевски.

Од ТППЕ Крива Паланка апелираа со оглед на високите температури кои владеат да се почитуваат законските норми, да не се пали оган на отворено, да се внимава при ракување со зашалливи материи и доколку забележат пожар на време да го пријават.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.