![woman-in-a-disposable-mask-is-teaching-her-child-53FTBF2](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/07/woman-in-a-disposable-mask-is-teaching-her-child-53FTBF2.jpg?resize=696%2C464&ssl=1)
Во Македонија во моментов се активни 207 случаи на зарази со коронавирусот, а министерот за здравство Венко Филипче истакна дека се присутни два/три соја на вирусот, нагласувајќи дека превенцијата и вакцинацијата важат за сите соеви.
Вакцинацијата, според министерството за здравство, се одвива непречено на сите пунктови низ државата, интересот секојдневно се зголемува, а досега се вакцинирани 686.788 граѓани со една доза, а ревакцинирани се 252.338 граѓани.
„Принципите на превенцијата се истите и без разлика кој сој на вирусот ќе дојде ќе останат исти – маската, дистанцата, дезинфекцијата на рацете и ние не можеме да живееме затворени. Граѓаните мора да го имаат ова на ум и да имаат на ум дека станува збор за нивното здравје и кога е во прашање вакцинацијата, но и кога се во прашање превентивните мерки“, нагласи Филипче.
Оцени дека земјата мора да функционира, но исто време мора да се води сметка за здравјето и тоа е еден многу битен сегмент што ќе остане да важи следните веројатно години колку што ќе трае пандемијата, а тоа никој не го знае во овој момент.
„Присутни се два, три соја на вирусот и тоа што е битно дека принципите се исти – вакцинацијата и превенцијата која важи за сите соеви. Вкупниот број на вакцинирани еве и по поединечни групи или вкупно во државата меѓу 70, 80 и 85 проценти би било нешто што значи колективен имунитет“, појасни Филипче.
Во врска со вакцинацијата на децата, рече дека ќе се види на крајот на неделата каков ќе биде интересот.
„Тогаш ќе го имаме пресекот на вкупниот број на пријавени. Таа вакцина не е задолжителна, меѓутоа некои земји дефинитивно тоа го препорачуваат. И мислам дека и тоа е еден сериозен сегмент, голема бројка на млади луѓе кои се трансмитер на вирусот и кои се посебен ризик категорија за есенските месеци. Така што, опцијата е отворена. Фајзеровата вакцина е препорачана и во упатството од 12 до 16 години, што значи дека е сигурна, така што мислам дека е уште еден добар момент“, додаде министерот.
Потенцираше дека граѓаните мора да сфатат дека вакцинацијата е единствениот спас од Covid-19, најавувајќи дека од есен најверојатно на масовни настани и на отворено и на затворено би се присуствувало само со сертификат за вакцинација против Covid-19.
Околу тоа дали ќе се воведат построги мерки бидејќи се намалува интересот за вакцинација, се појавуваат нови кластери на заболени и не сите здравствени работници се вакцинирани, Филипче рече дека според нивните анализи здравстениот персонал е вакциниран со прилично висок процент, некаде 85 проценти, а се чекаат и анализите со опфатот на вакцинација на вработените во училиштата и градинките.
„Тоа како три сегментa кои ни се многу битни за некои процеси да продолжат да се одвиваат нормално и во есенските месеци, градинките и училиштата, и свесни дека можеби и покрај тоа што се што правиме интересот нема да се зголеми, затоа размислуваме за некоја форма на рестрикција во смисла на тоа некои работи да…ние не можеме да воведеме и никаде во светот оваа вакцинација не е задолжителна, затоа мораме да размислуваме за некои алтернативни решенија, на пример да се присуствува на настани со масовно присуство, дали на затворено, дали на отворено, дали во кино, на културни настани, само со таков сертификат и тоа е нешто што можно е да го препорачаме од есенските месеци, сега во месец јули и во август, кога има многу патувања и фреквенција на луѓето да ставиме акцент на сите овие активности кои ги правиме за да го зголемиме опфатот“, рече Филипче.