Два земјотреса почувствувани во регионот

Земјотрес со јачина од четири степени по Рихтеровата скала беше регистриран изутринава во 07.33 во регионот на Вршац, а земјотресот се почувствувал дури и во Белград и во Нови Сад.

– Никој досега нема пријавено никаква штета, но земјотресот се почувствува на повисоките катови на зградите во Белград и Нови Сад – велат од српскиот Републички сеизмолошки институт.

Вториот земјотрес е на територијата на Бугарија, а епицентарот е на 14 километри од градот Локве.

Интензитетот на земјотресот кај епицентарот се проценува на шест степени по Меркалиевата скала.

Овој земјотрес припаѓа на групата земјотреси со умерен интензитет што може да предизвикаат мали оштетувања на објектите во реонот на епицентарот.