Вкупно 22 тони индустриска сол била фрлена во текот на ноќта и утрото на критичните точки на градските сообраќајници низ градот, информираат од екипата на зимската служба на Град Скопје.
Екипите на зимската служба на Град Скопје и јавното претпријатие „Улици и патишта” на терен интервенираа со возила – соларки и соларки со плуг на сите булевари во надлежност на град Скопје.
Градските екипи интервенираа на сите мостови, клучки, надвозници, подвозници и високите зони кон Водно, Пржино, Железара, како и на сите други таканаречени „црни точки“ во градот.
Дополнително, интервинирано е на булеварите Партизански одреди, Митрополит Теодосиј Гологанов, Свети Климент Охридски и на другите булевари каде што е забележан замрзнат коловоз.
Екипите на градската зимска служба ќе ја следат состојбата и ќе реагираат согласно со условите на теренот. Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите.