Во текот на изминатите три дена на подрачјето на Град Скопје, сообраќајната полиција извршила увид на вкупно 26 сообраќајни незгоди.
Во петок, на 19 јуни, извршен е увид на вкупно 15 сообраќајни незгоди. Од нив, четири се со последица материјална штета и две се со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле четворица возачи на патничко моторно возило, шест сопатници, пет пешаци и еден возач на мопед. Случена е и една незгода со последица тешка телесна повреда во која со тешки телесни повреди се здобил патник во автобус.
Во сабота, на 19 јуни, извршен е увид на вкупно четири сообраќајни незгоди. Од нив, две се со последица материјална штета и една е со последица телесна повреда во која со полесни повреди се здобил еден сопатник.
Случена е и една незгода со едно загинато лице која се случила во 13 часот на крстосницата „Јустинијан Први“ со бул. „Борис Трајковски“, регионален пат Скопје – ХЕЦ „Козјак“, во која учествувале две патнички возила „форд мондео“ и „рено лагуна“ со скопски регистарски таблички, управувани од граѓани на Скопје и мотоцикл марка „мондијал“ без регистарски таблички, управуван од граѓанин на Скопје. Како последица на незгодата возачот на мотоциклот се здобил со тешки телесни повреди и истиот на пат за Ургентен центар им подлегнал на повредите, а со телесни повреди се здобиле двајца сопатници.
Во недела, на 21 јуни, извршен е увид на вкупно седум сообраќајни незгоди. Од нив, четири се со последица материјална штета и три се со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобил еден возач на патничко моторно возило, еден возач на товарно возило, четворица сопатници и еден пешак.
Во текот на изминатите три дена од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се 48 возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење со возилото, од нив 25 возачи со возилото се движеле со брзина поголема од 90 километри на час во населено место, 28 возачи кои не го користеле безбедносниот појас или го користеле мобилниот телефон за време на управување со возилото, 14 возачи го управувале возилото под дејство на алкохол и истите се исклучени од сообраќај, како и девет возачи кои не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин, односно не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци на крстосниците.
Со помош на специјалното возило „пајак“ во текот на овие три дена од страна на сообраќајната полиција отстранети се 90 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.
Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај при СВР Скопје денеска во рамки на проектот „Сообраќајна култура за децата во предучилишни установи“ ќе одржи едукативни работилници во детската градинка „Кочо Рацин“, објект „Бели мугри“ која се наоѓа на подрачјето на општина Центар.
За денеска нема најавено вонредни настани со што се очекува сообраќајот да се одвива тековно и според постоечката сообраќајна регулатива.