Дваесет лица загинаа, а 24 се водат како исчезнати по лизгање на земјиштето во оддалечениот планински дел на кинеската југозападна провинција Јунан, објавија денеска кинеските државни медиуми.
Селото Лианшуи во североисточниот дел на Јунан беше погодено вчера околу 6 часот од голем одрон.
Властите денеска ги продолжуваат операциите за потрага по луѓе затрупани под земните маси, откако накратко ја прекинаа нивната работа поради дојава за ново лизгање на земјиштето. Работниците на итната помош работат на температури под нулата, а еден работник рече дека големите машини не можат да се користат во операцијата за пребарување поради нестабилниот терен, објавија локалните медиуми.
-Ако почвата е нестабилна долу, горниот дел може да продолжи да се лизга. Тешко е да се изведат механички операции од големи размери, а спасувањето на лице место е многу тешко, рече официјалниот претставник.
Најмалку 47 лица од 18 домаќинства првично беа пријавени за исчезнати по свлечиштето. Од ажурираните информации сега е јасно дека за 20 од овие лица е потврдена смрт. Две лица се примени во болница со различни повреди. Се уште се трага по 24 лица, а тројца исчезнати се пронајдени неповредени.