Двајца албански државјани се уапсени ноќта кон саботата во селото Лажец, кај Битола, при обидот во соседна Грција да превезат 33 килограми марихуана, информираше во неделата Министерството за внатрешни работи.
Ноќта меѓу петок и сабота, 19-ти кон 20-ти јануар, околу 00,30 часот по полноќ по претходно добиени оперативни сознанија за неовластено вршење на транспорт на поголемо количество марихуана, од страна на полициски службеници од полициската сатница на граничниот премин „Меџитлија“, биле преземени оперативно тактички мерки и во село Лажец, односно во близина на тамошната црква биле забележани двете лица како пеш се движат со две транспортни торби.
По кусо време двете лица биле фатени со две транспортни торби, а кај едниот во патна торба имало 17 најлонски паковки, а вториот е затекнат со патна торба во чија внатрешноста биле спакувани 30 најлонски паковки со марихуана. Од извршената анализа утврдено е дека се работи за вкупно 33,423 килограми марихуана, се наведува во соопштението од МВР.
Од МВР информираат и дека двајцата пријавени откако набавиле опојна дрога марихуана, ја спакувале во вкупно 47 најлонски паковки, ја ставиле во две транспортни торби и од Албанија се упатиле преку Македонија со намера дрогата да ја транспортираат во Грција.
Во врска со случајот Секторот за Внатрешни работи Битола до Основното јавно обвинителство Битола поднесе кривична пријава против 36-годишниот С.С. и 24-годишниот А.Т., и двајцата од Република Албанија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, предвидено и казниво по член 215 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија.
Од страна на Судија за претходна постапка при Основен суд – Битола, на двајцата пријавени одредена им е мерка притвор во траење од по 30 дена.