Во синоќешната акција на припадниците на Министерството за внатрешни работи во Скопје затворени се 13 угостителски објекти од 24 вкупно проверени, приведени четворица малолетници од кои двајца за користење дрога, информираа во неделата од МВР
По синоќешната акција на полицијата во Скопје, затворени се тринаесет угостителски објекти каде што не биле почитувани законските прописи во поглед на работното време, точење алхохол на малолетни лица и неиздавање фискални сметки
Поради утврдени неправилности, затворени се 13 угостителски објекти, а на едукација се повикани пет сопственици на угостителски објекти. Во осум угостителски објекти е евидентирано присуство на малолетни лица, а приведени се четири малолетници. Двајца од нив за користење на наркотични средства, а двајца за утврдување на идентитет, информираа од МВР.
Врз основа на претходно изготвени анализи и оперативни сознанија дека во голем број угостителски објекти не се почитуваат законските прописи во поглед на работното време, точење алкохол на малолетни лица, неиздавање на фискални сметки и слично, Министерството за внатрешни работи во соработка со Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд, синоќа од 22 до 04 часот преземаа мерки и активности за контрола на угостителски објекти по сите основи, при што беше извршена контрола во вкупно 24 угостителски објекти на подрачјето на СВР Скопје, прецизираше на денешната прес- конференција портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
„Во осум угостителски објекти е евидентирано присуство на малолетни лица, а приведени се четири малолетници, двајца за користење наркотични средства, а двајца за утврдување на идентитет. Поради утврдени неправилности, затворени се 13 угостителски објекти, а на едукација се повикани пет сопственици на угостителски објекти“, рече Ангеловски.
Од страна на СВР Скопје беше спроведена и зајакната акциска контрола во врска со управувањето на возило од граѓани под дејство на алкохол, при што алкотестирани се вкупно 272 возачи и притоа кај 102 возачи е утврдено присуство на алкохол. Констатирани се и 49 други прекршоци за што се издадени 12 мандатни и 37 прекршочни платни налози.
„Министерството за внатрешни работи во соработка со другите институции ќе продолжи со ваквите контроли и во наредниот период. Нема да биде толерирано никакво непочитување на законите“, рече Ангеловски.