Смртта на двајцата пациенти на Инфективната клиника отвора низа прашања за одговорност , но и сомнежи поради задоцнетото информирање на јавноста, иако се работи за сериозен сучај за кој има доволно индикации за можно ширење епидемија во гостиврско.
Еднa од логичните претпоставки за тоа е дека двајцата починати се татко и син, но останатите четворица кои се хоспитализирани на Инфективна со истите симптоми, не се од истото место од каде што се починатите, туку од други делови на гостиварскиот регион.
И додека се чекаат резултатите од анализата што треба да даде одговор од што починале таткото и синот, имаме само една неуверлива изјава од претседателот на Комисијата за заразни болести, Ѕвонко Миленковиќ, дека не треба да се крева паника бидејќи заразната болест се пренесувала од од животно на човек, а постоел низок степен на преносливост од човек на човек.
Арбен Таравари
Од Министертсвото за здравство целосен молк. Исто како и за детето од гостиварско, кое почина пред извесно време. Таравари, заедно со делегација од кабинетот, е во петдневна работна посета на Соединетите Американски Држави. За неговиот краток министерски мандат, ова е трет смртен случај, кој очигледно ако не беше медиумската експонираност, ќе останеше само како една дневна статистика, која никого не померува од столче.
Веројатно смртта на двајца и состојбата на уште четири лица со истите симптоми како и починатите, не допре до министерот Арбен Таравари, кој не се чувствува повикан да ги даде потребните одговори за да го спречи стравот кај граѓаните ако тој е неоснован, или пак да ја лоцира одговорноста за загубата на два човечки животи.
Жителите на селото Симница, од каде што се починатите, со право се во паника и стравуваат од ширење на епидемија.
И денеска, после неколку дена од смртта на едниот пациент на Инфективна, нема информации ниту за заразата, ниту пак за тоа што утврдиле инспекциските сужби на терен, бидејќи постои сомнеж дека починатите се инфицирале од добитокот што го чувале.
Смртта на пациентите на Инфективна прво ја објавија медиумите, па потоа надлежните решија да излезат со скромна изјава. Оттаму ја демантираа само информацијата дека на Клиниката за Инфективни болести има карантин, а за другото немаа прецизни одговори.
Четворицата заболени од истата болест во моментов се во изолација, согласно здравствените прописи.
Од Институтот за јавно здравје вчера испратија екипи во Симница за да утврдат дали треба да се постави карантин во овој регион, како превентивна мерка против ширење на сомнителниот вирус. Клиниката во Гостивар упати апел до жителите од оваа зона, во случај да добијат симптоми како што се треска, покачена телесна температура или дијареја, веднаш да побараат лекарска помош.