Двајца руски полицајци загинаа, а тројца други се ранети во два бомбашки напади во автономсната република Дагестан во последниве 24 часа, јави ТАСС.
Еден полицаец загинал, а друг е ранет денеска при експлозија на автомобил на контролен пункт во реонот на градот Дербент, во јужниот дел на Дагестан.
Полицајците се обиделе да го запрат автомобил, но возачот одбил да застане и продолжил да се движи, по што одекнала експлозијата, соопшти претставничка на дегестанската полиција.
Вчера во друг бомбашки напад, за кој одговорноста ја презеде групата Исламската држава, загинал еден полицаец и двајца биле повредени.
Инцидентот се случил кога крај конвој полициски возила, кои се движеле во насока кон аеродромот „Ујташ“ во близина на градот Каспијск, експлодирале три бомби поставени крај патот, соопшти дегестанското Министерство за внатрешни работи.
Агенцијата „Амак“, која е поврзана со џихадистите, од своја страна, објави дека при експлозиите на бомбите поставени од страна на ИД, загинале десет руски војници, а тројца биле ранети, како и дека биле уништени две воени возила.
Извор од руските безбедносни сили соопшти дека извршителите на вчерашниот напад се припадници на т/н. „Хушетската банда“, група именувана по едно предградие на градот Махачкала, додавајќи дека не располага со информации дали таа е поврзана со ИД.