Двајца скијачи се повредени во лавината која се случи во неделата попладнето во јужниот швајцарски кантон Вале, соопшти кантоналната полиција којашто претходно извести за десетици настрадани во лавината повикувајќи се на изјави од очевидци.
„Во групата имало десет скијачи, но во време кога лавината се урнала осуммина биле над снежниот нанос, а човекот кој ја повикал помош мисли дека лавината сите ги зафатила. Спасувачи ги пронајдоа двајцата повредени скијачи и ги префрлиле во болница“, изјавил за AFP, портпаролот на кантоналната полиција Стив Леже.
Несреќата се случила околу 15.50 часот по локално време на надморска височина од 2.500 метри, на превојот Фенестрал, близу Фино, недалеку од границата со Франција.
Во кантонот Вале моментално на сила е третиот од петте степени опасност од лавина. Во неделата се забележани неколку лавини надвор од обезбедените скијачки патеки, се наведува во соопштението на полицијата којашто апелира на претпазливост на скијачите.