Две момчиња на тинејџерска возраст од Кавадарци и од Скопје се осомничени дека обиле десетина автомобили во подземни гаражи, и притоа сториле вкуно единаесет кривични дела, крадејќи предмети во вкупна вредност од околу две илјади евра, но предизвикувајќи голема материјална штета, информираше во понеделникот Министерството за внатрешни работи.
Секторот за внатрешни работи Скопје поднел кривична пријава против А.В. (18) од Кавадарци и Р.М. (17) од Скопје поради постоење основи на сомнение дека извршиле 11 кривични дела во серија од кои четири кривични дела „тешки кражби“ во патнички моторни возила, пет кривични дела „тешки кражби во обид“ во патнички моторни возила и две кривични дела „тешки кражби“ на велосипед. На тој начин се стекнале со противправна имотна корист од околу 110.500 денари, а предизвикале и голема материјална штета.
Пријавените ги извршиле кривичните дела на ден 29 мај годинава во периодот меѓу 4 и 6 часот изутрина во гаражите од зграда на улица „Димче Мирчев“ бр.20, кога со употреба на соодветен алат, насилно влегле внатре и отвориле вкупно девет возила, додека пребарување извршиле во внатрешноста од пет возила при што пронашле и одзеле околу 500 денари, една кошула, очила, навигациски уред, мобилен телефон и други предмети. Покрај предметите од возилата, пријавените од гаражата одзеле и два велосипеди.
Од страна на полициски службеници од Одделението за имотни деликти и малолетничка деликвенција – Центар и Бит Пазар преземени се сеопфатени оперативни мерки и активности. Во саботата, 17 јуни годинава, од страна на полициски службеници од Единицата за прв одговор и интервенции – „Алфа“, лишен е од слобода првопријавениот А.В., со кој е службен разговор во кој истиот го појаснил начинот на извршување на кривичните дела.
Од СВР Скопје – Единицата за имотни деликти и малолетничка деликвенција со Одделенијата, презема дополнителни мерки и активности во насока на расчистување на други кривични дела „тешки кражби“ во патнички моторни возила извршени на подрачјето на Град Скопје во затворени паркинг простори и на други локации, по што ќе бидат доставени соодветни поднесоци.