Двајца убиени и четворица ранети во библиотека во САД

Две лица се убиени а четири се ранети откако во понеделникот по локално време момче отворило оган во библиотеката во градот Кловис во сојузната држава Ново Мексико, соопштија локалните власти.

Инцидентот се случил околу 16 часот по локално време и напаѓачот бил уапсен откaко полицијата ја опколила зградата на библиотеката.

Убиствата на вакво јавно место претставуваат трагичен удар за градот во близина на границата со Тексас, изјави градоначалникот Дејвид Лансфорд на прес-конференција.

Идентитетот и возраста на жртвите не се објавени. Портпаролот на болницата во тексашкиот град Лабок, Ерик Финли, изјви дека двајца од пациентите се во критична состојба и оти нивните животи се загрозени.

Усмртени се две жени, а ранети се уште две жени и двајца мажи.

Жителката на Кловис, Ванеса Агвире, била во библиотеката со синот кога влегол маж и започнал да пука во воздух, пренесува локалниот весник Eastern New Mexico. „Сето тоа се случи многу брзо. Брзо побегнавме. Мојата торба уште е таму“, рекла жената.

Началникот на полициајта Даглас Форд изјави дека напаѓачот ѝ се предал на полицијата откако зградата била опколена, но не го откри неговиот идентитет ниту мотивот за нападот.

Во Кловис, град со околу 40.000 жители, сместена е американската воздухопловна база Кaнон.