Двајцата полицајци кои беа тешко ранети во нападот врз израелските безбедносни сили во Стариот град на Ерусалим во комплексот кој е трето свето место на исламот Платото на џамијата ал-Акса или Ридот на храмот како што го нарекуваат Евреите, починаа, соопшти полицискиот портпарол Мики Розенфелд на Twitter.
Тројцата мажи, кои ги нападнале припадниците на безбедносните сили ранувајќи три лица, од кои две починаа, ги убила израелската полиција додека се обидувале да побегнат кон комплексот на џамијата ал-Акса.
„Тројцата терористи кои го извршија нападот во Стариот град во Ерусалим се од Ул ал-Ахум“, додаде Розенфелд.
Локалните медиуми објавија дека кај напаѓачите биле најдени израелски пасоши, како и дека еден од нив потекнува од село на северот на земјата. На снимката од местото на настанот за време на инцидентот се забележува дека е присутен поголем број припадници на израелските безбедносни сили.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и палестинскиот претседател Махмуд Абас телефонски разговарале, во обид да ја смират ситуацијата по нападот, пренесе палестинската новинска агенција Wafa.
Палестинскиот челник, како што пренесува агенцијата AFP, го осудил овој инцидент „секој чин на насилство без разлика од каде доаѓа, особено кога станува збор за свето место“. „Премиерот Бенјамин Нетанјаху повика на смирување на ситуацијата“, додава агенцијата Wafa.
Местото кое Евреите го нарекуваат Родот на храмот, а муслиманите Плато на џамијата, за двете страни е свето место. Според договорот за зачувување на статус-квото, само муслиманските верници можат да извршуваат верски обреди на платото пред џамијата ал-Акса, а Евреите може само да го посетуваат местото на коешто се наоѓаат остатоците од библискиот еврејски храм.
Израелската полиција изјави дека местото ќе биде затворено во текот на денот, што значи дека муслиманите нема да можат да присуствуваат на традиционалната петочна молитва на ова место.
Повеќе од 40 Израелци и околу 300 Палестинци се убиени во сличните напади по спорот од есента 2015 година за тоа кој има право на верски обреди на овој комплекс во источен Ерусалим, поради што започна последниот бран насилство.