Две години од масакрот кај Смилковското езеро

Велики Четврток пред две години ќе го паметиме како најкрвавиот во Македонија. Доцна вечерта со молскавична брзина се рашири вест која насолзи многу Македонци, петтмина свирепо се убиени на брегот на Смилковското Езеро, четворица на возраст до 20 години, еден постар.

Со болка во срцата сите се прашуваа кој е монструмот, кој го стори тоа, кој пукал во пет невини души?

Првата официјална информација беше дека на брегот на Смилковското езеро во близина на Скопје се случило петкратно убиство. Четири млади тела едно до друго легнати на земја, малку погоре од нив, уште едно, на постар маж, најверојатно сведокот на грозоморниот чин.

Велики Петок, Црн Петок 13-ти, ден на болка, а уште потешко и поболно беше кога го открија идентитетот на жртвите, четири млади момчиња, меѓу нив и еден матурант, најмалиот, Александар Наќевски.

Жртви на монструмите се и Филип Славковски, 22-годишно момче кое завршил средно угостителско образование,  Цветанчо Ацевски кој имал 18 години, а завршил средно образование во гимназијата „Цветан Димов“ и 22-годишниот Кире Тричковски кој студирал на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. На брегот на езерото ликвидиран е 45-годишниот рибар од Црешево, Борче Стефковски, кој бил на погрешно место во погрешно време и го видел тоа што не смеел.

На местото на злосторот, пет тела, многу крв и чаури околу нив, малку траги од монструмите, но доволно за МВР да спроведе истрага.

Црвениот „опел“ – клучен доказ

Ден  по трагедијата, полицијата интезивно работеше и пронајде возило кое и денеска е еден од клучните докази во постапката.

Возило пронајдено 10 километри од местото на злосторството кај скопското село Смиљковци, каде што во четвртокот беа убиени пет лица,  според најдените траги од вештачењето, има индиции дека возилото било на местото на грозоморното убиство.

Црвениот „опел“ остана врежан во мемеоријата на Македонците и секој за да и помогне на полицијата во решевањето на овој злостор се обидуваше да најде некоја трага, да го види.

Како биле убиени?

Никој никогаш нема да го заборави ланскиот Велики Четврток, нема доволно солзи за петминатата ѕверски убиени и по една година сите се прашуваат зошто?Но, едно е јасно, како биле убиени овие пет невини лица, кои само сакале да рибарат.

Според специјалистот за судски вештачења, проф.д-р Билјана Јаневска, на петте жртви им е пукано одзади, а само на две однапред, во пределот на стомакот, а според лабораториската анализа на нитринтите честички, на жртвите им е пукано одблиску. Кај неколку од жртвите се смета дека е пукано додека лежеле на земја или биле клекнати на колена.Суров и кукавички начин од страна на сторителите на грозоморното убиство.

Вештачењето пред судот го презентираа експертите од Институтот за судска медицина  и Одделението  за крим техника при Министерството за внатрешни работи.

Јаневска тогаш објасни дека вештањето е направено ноќта на 13 април и дека главна цел им била да откријат која е смртоносната рана, од која позиција и растојание им било пукано и во каква положба.

Според експертите, релативна близина е од метар и половина за оружје со долга цевка и метар за оружје со кратка цевка.

Кај покојниот Цветанчо Ацевски се утврдени четири огнострелни рани.Од нив смртоносна била раната од задниот дел на вратот. Покрај телото на починатиот е откриен проектил од 9 милиметри пара.Кај него е констатирано контузии или нагмечувања на лицетото, што според судските вештаци укажува дека му било пукано додека лежел на стомак, а сторителот стол над него, накај нозете.

Филип Славковски бил убиен со огнострела рана во пределот на грбот која предзвикала оштетување на белите дробови.Според положбата на телото на покојниот е утврдено дека му е пукано додека лежел на земја.Покрај раната која го усмртила, младото момче било застрелано и во пределот на слабината и грбот.

Кире Тричковски и Александар Наќевски, за разлика од другите ги гледале лицата на своите убијците пред засекогаш да ги затворат очите, бидејќи кај нив биле констатирани прострелни рани во пределот на стомакот.  Тричковски е погоден со четири проектили, од кој едниот го погодил  во пределот на стомакот. Смртта ја предизвикал проектилот што го погодил во левата страна на грбот при што му бил разнесен ’рбетниот мозок.И нему му е пукано од близу.Наќевски бил погоден со најмногу проектили.Од осумте испукани проектили, седум се прострелни, а само една застрелна рана.Тој е погоден и од предната страна од стомакот, со што експертите претпоставуваат дека му е пукано додека тој клечел на земја, а сторителот пред него.Останатите рани покажуваат дека му било пукано одзади, додека бил во хоризонталана положба.

Последната жртва на велигденскиот масакр е убиена додека се криела зад автомобилот „фиат уно“. Експертот по судска медицина образложи дека на телото на рибарот Борче Стефковски се констатирани четири рани од огнено оружје.Смртоносен бил проектилот што го погодил во главата. Јаневска појасни дека на хаубата на автомобилот биле откриени траги од биолошки потекло, поточно мозочно ткиво, што посочува дека тој или се криел или стоел во близина на автомобилот.

Пукано со автоматски пушки и пиштол

Балистичарот Неџад Муриќ пред судот објасни дека сторителите на маскарот користеле автоматски пушки и со пиштол таканаречен “долга деветка“.На местото на убиството биле подигнати 13 чаури од пушка и осум чаури од пиштол.

Големото апсење на 1 мај

Како што се прошири веста за масакрот на Велики Четврток, така на први мај се прошири веста за големото апсење на осомничените убијците. Дваесет лица, најголем дел македонски државјани, се приведени во специјалната операција која го доби името „Монструм“. Сите од нив, како што информираше тогаш Министерството за внатрешни работи, се следбеници на радикалниот ислам и се оспособени да извршуваат најрадикални акции.

„Кога се работи за кривично дело тероризам жртвите не секогаш директно се поврзани со извршителите и мотивот за кој е направено кривичното дело.Нашето сомневање е дека токму и во овој случај се работи за едно такво убиство каде жртвите не се во никаква конекција со ивршителите, но меѓутоа позади кривичното дело стои намерата да се создаде чувството на несигурност и страв.Мотивот е нивната идеја, убедување, верување во радикалниот ислам“, објасни тогаш министерката Гордана Јанкуловска за апсењето.