Судска одлука уште еднаш ја шокираше македонската јавност која одново се прашува колку чини човечкиот живот со вакво судство и судии.
Кривичниот суд во Скопје вчера ја изрече пресудата за сообраќајната несреќа во октомври 2018а година во близина на „Млечен“ во Скопје, во која несовесен возач уби едно лице, а неговата бремена сопруга заврши со тешки повреди и го загуби нероденото бебе.
Жртвите возеле мотор во моментите кога преку две полни линии во нив удрил џип. Два животи згаснаа поради грубо и свесно прекршување на сообраќајните правила, но тоа за судот и судијката Елена Јосифовиќ очигледно не беше доволно, па возачот кој ја предизвика сообраќајката со трагични последици не доби ниту еден ден затвор.
Образложението на судијката Јосифовиќ за изрекувањето на две години условна казна е тоа дека возачот на џипот ја признал вината. По ваквата одлука, на социјалните мрежи се огласи таткото на починатиот.
„Пријатели. Сакам да ве известам дека денес се донесе пресуда за смртта на мојот син кој загина пред две години во сообраќајка. Неговата сопруга бремена го изгуби плодот и се здоби со тешки телесни повреди. Пред да ја каже судијката пресудата ме известија дека каква и да биде пресудата да останеме смирени, бидејќи може да бидеме казнети. Судијката со многу очај кажа дека многу и било тешко да ја донесе оваа пресуда. На сите отежителни и олеснителни околности, пресудата гласеше не е виновен и ќе биде две години условно осуден. Така да сега кој е кој? Ние ќе бидеме казнети ако негодуваме, а тој што одзеде животи и уништи животи на фамилии си е слободен? Тоа е нашето судство, обвинителство и цел ланец на судски заврзлами. Не смеам да кажам некој лош збор на Фејсбук бидејќи може да дојдат и да ме најдат за виновен. Сега нека пресуди народот кое судство и која правна држава ја имаме “, напиша таткото на починатиот.
На социјалните мрежи реагираше и Наташа Апостолоска: „Денеска, во името на граѓаните на РСМ, судијата Елена Илиевска Јосифовиќ при ОС Скопје 1, му изрече условна осуда на оној кој ми го одзеде сопругот на 32 години, бебето и мене ме остави со тешки телесни повреди!!! Само затоа што признал! Дно дна!!! “
Иако, возачот на џипот е 64-годишниот Васил Ч. инаку директор на фирма од Тетово. Тој на првото рочиште ја признал вината.