Две куќи и дабова шума изгореле во пожар во близина на Струшкото село Октиси, соопшти денеска СВР Охрид.
Од утринава активни пожари има и во Македонска Каменица, Делчево, поширокиот кумановски регион, во село Живиње и над Никуштак, а пожарникарите и понатаму се борат со пожарот околу Преспа.
Според соопштението, вчера околу 14 часот во месноста „Степаница” атар на селото Октиси во пожар изгорела поголема површина дабова шума и две куќи, сопственост на Б.А. и Ф.Д., жители на селото. Пожарот бил локализиран од Територијалната противпожарна единица од Струга.
Огнот што вчера ја зафати Преспа се уште беснее, а веќе го зафати и паркот за ретки птици Езерани. Во моментов има најмалку три активни пожари, од кои едниот е во Националниот парк „Галичица“.
Пожарникарите и денеска се обидуваат да се справат со огнената стихија. Дополнителен проблем прави и ветерот кој непрекинато дува на местата каде што се пожарите.
Голем пожар ја зафати и Македонска Каменица. Дирекцијата за заштита и спасување и денес ангажираше свои воздухоплови од Одделението за специјализирани услуги и со тоа го локализираше и стави под контрола и овој пожар. Со тоа потребата за евакуација на населението е надмината, бидејќи постоеше опасност пламени јазици да зафатат и дел од куќите во околината.
Во Делчевско, пак, доцна попладне вчера настанал пожар кај месноста Средна во близина на село Разловци. Таму во гаснењето на пожарот се вклучени екипи на ТППЕ од Делчево и Шумско стопанство.
За страшен пожар јавуваат и пожарникари од резервниот состав кои се вклучени во акцијата за гаснење во близина на село Владимирово. Поради ваквите појави, кои се присутни речиси цел месец, заседаваа и кризните штабови каде се повеќе се потенцира човечкиот фактор како главен предизвикувач на пожарите.
Два пожара се активни на подрачјето во поширокиот кумановски регион, во село Живиње и над Никуштак, информираат надлежните од Територијалната противпожарна единица и од кумановската подружница на „Македонски Шуми”.
Во Живиње, на границата со светиниколско гори нискостеблеста шума, но поради ветерот постои опасност да се прошири и да зафати висока дабова шума.
Се уште гори нискостеблеста дабова шума во липковско, над село Никуштак во месноста „Баре”. Екипите на шумско стопнаство до тринаесет вработени и со помош на дванесет мештани го гаселе пожарот. Вчера, со осум налети со авион се обидувале и надлежните да го изгасат овој пожар.