Две лица повикани во полиција во врска со нападот со нож во Кавадарци

Две лица се повикани на разговор во врска со повредениот кавадарчанец со две убодни рани од нож, потврдија за МИА од Министерството за внатрешни работи.

„Рано изутринава, во 00.10 часот во Полициска станица Кавадарци било пријавено дека на крстосница од улицата „Браќа Џунови” и „7-ми Септември во Кавадарци”, кај фонтаната, имало повредено лице со убодни рани. По извршени проверки е констатирано дека станува збор за 28-годишниот К.М. од Кавадарци“, соопштија од  од МВР.

Се работи на расчистување на случајот.

Како што изјави д-р Благој  Митев, хирург во кавадаречката болница, ноќеска по полноќ  било донесено момче родено 1994 година.

„Момчето имаше две убодни  рани од нож во пределот на лев рамен појас и во пределот на градниот кош, позади, под коската која народски се вика лопатка. Убодните рани беа со ширина од 2.5-3 сантиметри и длабочина од 4-5 сантиметри. Му дадовме прва помош и заради подетално согледување на состојбата го препративме на Ллиниката за торакална хирургија во Скопје“, рече Митев.