Две лица приведени за пукањето во Арачиново, полицијата го бара напаѓачот

Две лица се приведени под сомнение за помагање во вчерашниот обид за атентат врз градоначалникот на Арачиново, објави телевизија Сител.

Извори од МВР велат дека полицијата се уште е на терен и се прават напори да се идентификува и приведе напаѓачот кој вчера со автоматска пушка отвори оган врз Ридван Ибраими, кој доаѓа од редовите на ДУИ.

Тој својот мандат нема да го памети по добро бидејќи откако стана градоначалник ова е трет пат полицијата да добие пријава дека бил нападнат. Лани пријавил дека му се заканувал 69 годишен арачиновец, а во 2022 бил физички нападнат од неколку лица кои како што и кажал на полицијата ги предводел член на семејството на поранешниот градоначалник на Арачиново и прв човек на огранокот на ДУИ во оваа општина Брахим Ајвази.

Иако мотивите за последниот напад се уште официјално не се познати, во медиумите веќе се шпекулира дека станува збор за внатрепартиска пресметка во ДУИ, позиција која Ахмети денеска не беше многу расположен да ја коментира.

Во македонскиот политички блок очекувани обвинувања.

СДС е креатор, поддржувач и логистичар на криминалните банди на ДУИ кои се пресметуваат меѓу себе, вратија во ВМРО-ДПМНЕ

„Тој е деветогодишен систем граден лично од Оливер Спасовски, Зоран Заев и Димитар Ковачевски. Тие стапија во брак со криминалците, добиваа услуги, им полнеа за кутии, а за возврат власта на Спасовски, Заев и Ковачевски требаше да замижи пред секој нивен криминал. Сега се плаќа цехот“. – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ

Тензиите во албанскиот политички кампус пред избори не се ништо ново на македонската политичка сцена. Последниот посериозен инцидент се случи на локалните избори во 2017 кога во Кичево беше убиен независен кандидат за градоначалник Опозицијата во албанскиот блок уште минатиот месец предупреди на можноста за насилни предизборни сценарија во кои би биле инволвирани функционери на ДУИ.