Две лица загинаа во невреме во Црна Гора

Работник на градилиште во Бар, град на црногорското крајбрежје, и едно лице на терен за голф на полуостровот Луштица кај Тиват загинаа во невремето што во вторникот ја погоди Црна Гора.

Како што соопшти црногорската полиција, работник на кран на градилиште во населбата Чањ во Бар загинал кога силен ветер го превртел кранот на кој работел. Силен дожд и урагански ветрови го погодија Бар во утринските часови.

Исто така, како што пренесуваат црногорските медиуми, поради силниот ветер паднале големи кранови во пристаништето Бар, т.н. „мостови“. Според првите неофицијални податоци на порталот Бар инфо, едно лице се здобило со полесни повреди, а материјалната штета во самото пристаниште е голема.

Подгорица вијести извести дека 60-годишниот Д.П. од Тиват загинал на градилиштето на теренот за голф во Луштица. Се наведува дека жртвата била вработена во заливот Луштица, додека се шпекулира дека загинал од удар на гром.

Невремето не ги заобиколи црногорскиот „главен град на туризмот“ Будва и главниот град Подгорица. Во центарот на Будва, како што пренесуваат тамошните медиуми, поплавени се улиците, како и некои подземни гаражи. Во Подгорица силен ветер соборуваше дрвја и кршеше гранки, кои паѓаа по коловозите.

Околу 13 часот во вторникот се стабилизираше временската состојба во Црна Гора.