Две лица загинаа во невремето на истокот на САД, над 1,1 милион домаќинства останаа без струја

Најмалку две лица загинаа, илјадници летови се откажани или одложени, а повеќе од 1,1 милион домаќинства и компании вчера останаа без струја во силно невреме пропратено со град и грмотевици што помина низ источниот дел на САД.

Националната метеоролошка служба издаде предупредување за торнадо за пошироката област околу главниот град на САД Вашингтон, кое траеше до 21 часот по локално време вчера (3 часот наутро денеска по средноевропско време). Предупредувањето беше за ветрови од урагански сили, со потенцијал за град и торнада.

Невремето се прошири на големо подрачје на истокот на САД, а предупредувања за можно торнадо беа издадени во 10 американски држави од Тенеси до Њујорк. Националната метеоролошка служба соопшти дека повеќе од 29,5 милиони луѓе биле под предупредување за торнадо вчера попладне.

Од синоќа, повеќе од 2.600 летови во САД беа откажани, а речиси 7.900 беа одложени, според службата за следење летови FlightAware. Федералната управа за авијација соопшти дека ги пренасочува авионите кои се упатиле кон источниот брег на САД за да се избегнат бурите.

Од вчеравечер, повеќе од 1,1 милион корисници останаа без струја во државите Алабама, Џорџија, Јужна Каролина, Северна Каролина, Мериленд, Делавер, Њу Џерси, Пенсилванија, Тенеси, Западна Вирџинија и Вирџинија.