Две нови авио линии до овие европски градови започнаа со работа: Уште денес можете да резервирате лет за само 1.300 денари

На Меѓународниот аеродром Скопје, вчера попладне се реализираше првиот лет на редовната авио линија Скопје-Женева, што ке биде одржувана три пати неделно. Оваа линија ќе ја опслужува британската нискобуџетната авиокомпанија „Изиџет“ со што и официјално влегува на македонскиот воздухопловен пазар.

Првично на релацијата ќе има по два лета неделно, секој понеделник и петок, а од декември ќе има зголемување на три лета неделно. Летот ќе трае два часа и 15 минути.

Како што е наведено на веб стрницата на авиокомпанијата цената на билетот од Скопје за Женева доколку букирате лет за понеделник ќе ве чини 105 фунти (7.679 денари), а обратно 46,56 фунти (3.400 денари). Додека доколку букирате лет за 6- декември цената на билет од Скопје до Женева чини 18 фунти (1.316 денари).

Со зимскиот распоред на летање, што стапи во сила на крајот на минатиот месец, покрај линијата Скопје-Женева на авиокомпанијата „Изиџет“, предвидени се летови од Скопје и до Болоња, Торино и Билунд, што ќе ги реализира нискобуџетната компанија Визер, која исто така воведува нова линија и од Охридскиот аеродром до Фридрихсхафен.

Инаку, според податоците на ТАВ Македонија, од јануари до септември, двата македонски аеродрома, Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, во екот на пандемијата, опслужиле вкупно 994.237 патници, што за 57 процентни повеќе во однос на ланската година.