Тимови на Царинарница Скопје, формирани за контрола на продажбата на акцизна стока, вчера при извршени контроли на територијата на град Скопје открија два случаја на нелегална продажба на алкохол при што кај две правни лица откриени се и привремено се задржани околу 2,3 тони пиво и четири литри ракија без акцизни маркички, со сомнителен квалитет за кои не е платена акциза.
Како што соопшти Царинарницата, при контрола на угостителски објект (пивница) во Скопје, пронајдена е опрема за производство (мини-пивара) на пиво. Во објектот, сопственикот вршел и продажба на пивото кое го произведувал, но за истото не плаќал акциза. Од субјектот, привремено се задржани околу 2,3 тони пиво, пронајдени на залиха и спремни за продажба.
Во вториот случај, во продавница за алкохолни пијалоци, исто така во центарот на Скопје, царинските службеници открија нелегална продажба на ракија. Имено, по претходно извршена контрола на продавницата, иако не биле откриени неправилности, царинските службеници решиле да почекаат во близина на објектот, за по некое време да посведочат нелегална продажба на ракија во пластични шишиња, кои продавачот ги вадел од неговиот автомобил и ги внесувал во објектот. Во автомобилот се пронајдени четири литри ракија и се одземени.
Против прекршителите во двата случаи ќе бидат поднесени соодветни пријави.