Средното стручно образование е поатрактивно за упис на идните средношколци, отколку гиманзиското. Во првиот уписен рок за учебната 2024-2025 година соодност на запишани ученици е околу две третини, наспроти една третина, односно 73,8 отсто се запишани во стручните училишта, а само 26,2 отсто во гимназиите во земјава.
-Во двете пријавувања вкупно се запишаа 15.481 ученици, од кои 11.428 ученици во стручно и 4.652 во гимназиско образование, велат за МИА од Министерството за образование и наука (МОН).
Анализите и податоците на Центарот за стручно образование и обука покажуваат дека неколку години наназад за учениците примамливо е дуалното образование, со кое е предвидено освен теорија и практична настава во компаниите, образование кое го бара домашниот бизнис сектор, но и европскиот пазар на труд. Директорот на Центарот за стручно образование и обука, Шериф Мифтари лани на 31 мај во изјава за медиумите во Штип посочи дека 69 проценти од учениците во прва годинава во земјава за учебната 2023-2024 година се запишани во стручните училишта.
Но, поголем дел од родителите и средношколците запишани во стручните училишта веќе се со планови, по добиената диплома за машински електро-техничар, келнер, готвач, медицинска сестра, забен или фармацевстски техничар, физиотерапевт да заминат во странство. Кристина П. родител на Никола, кој во првиот уписен рок се запиша во едно од стручните училишта во Штип за МИА вели дека нејзиниот син го избрал стручното образование, бидејќи по четири години веднаш може да се вработи во земјава, но и во странство. Нејзиниот сопруг и поголемото дете веќе работат во Хрватска, таму живеат околу три години.
-Јас сум шивачка,работам на машина, откако Никола ќе заврши средно планираме и ние двајцата да заминаме во Хрватска, каде што без проблем ќе најде работа на неговата струка. Но, здрави и живи да сме, засега имаме такви планови. Доколку нешто се промени, во наредните четири години, Никола ќе има диплома со којашто и тука полесно ќе најде работа, вели Кристина.
Директорките на средните стручни училишта во Штип, Јованка Шалева и Марија Николиќ велат дека според бројот на запишани ученици годинава ќе ги формираат сите паралелки. Шалева која е директорката на регионалниот електро-машински училишен центар „Коле Нехтенин“, кое е и најголемо стручно училиште во Брегалничкиот регион за МИА изјави дека оваа година на Конкурсот за 254 слободни места се пријавија и се запишаа 230 ученика. Ова училиште веќе има и соработка со бизнис секторот, каде што се реализира практичната настава.
-Идејата ни е да го спречиме иселувањето, да сфатат учениците дека со дипломата, којашто ја стекнуваат во нашето училиште можат да се вработат добро, да основаат сопствен бизнис или понатаму во иднина да бидат дел од некоја индустриска-технолошка зона. Ние како општество треба да размислуваме за развој на индустријата, бидејќи економијата се развива со добра индустрија, вели Шалева.
Сите паралелки од здравствената струка во средното медицинско училиште „Јане Сандански“ се вклучени во дуалното образование. Тоа значи дека учениците имаат комбинирана настава, со 60 процени теорија и 40 проценти практична настава. Директорката на СОУ „Јане Сандански“, Марија Николиќ, која била меѓу првите наставници обучени за дуалното образование, потврдува дека оваа реформа на стручните училишта донесе поголема атрактивност на овие училишта.
-Самиот концепт овозможува зајакнување на соработката меѓу реалниот сектор и училиштата, односно присуство на учениците во рамки на компаниите, во зависност од секторот, каде припаѓаат. Би сакала да кажам дека концептот на дуално образование во нашата држава се базира на Швајцарскиот модел на дуално образование и точно е дека за жал голем дел од учениците покрај атрактивноста на средните стручни училишта и вклучување во дуалните паралелки по завршување на средното образование излегуваат надвор од државата, вели Николиќ.
Посочува дека како училиште се уште немаат целосно завршена генерација од дуалните паралелки. Во 2028 година ќе ја имаат првата генерација на матуранти, кои ќе бидат веднаш подготвени за нашиот, но и европскиот пазар на труд. Николиќ забележува дека потребно е подобрување на дуалното образование.
-Пред се сметам дека за да имаме успешен дуален концепт на образование потребно е Стопанска комора на Македонија да направи база на работодавачи, од која база ние училиштата би можеле да црпиме податоци и да увидиме која е реалната потреба на струките, кои се дефицитарни во нашата држава, за да можеме ние на тој начин да ги правиме планирањата за формирање на паралелки, во секоја следна учебна година, вели Николиќ.
Од Министерството за образование и наука за МИА велат дека предизвиците со дуалното образование може да се надминат единствено преку еден заеднички пристап на сите институции, затоа што не е доволно само да се понуди поквалитетно образование, кон кое се стремиме.
-Потребна е усогласеност на образовниот систем со пазарот на трудот, што ќе биде една од целите на МОН во следниот период. Потребни се повеќе и подобри работни места со пристојна плата, поддршка на идеи. Но, потребна е и стабилност на меѓуетничките односи, подобра општествена клима. Новото раководство на МОН ќе се заложи за повеќе и поквалитетни образовни можности и во таа насока веќе се започнати промени како во основното и средното, така и во високото образование, велат од Министерството за образование и наука.
Бизнис секторот и научната фела бараат Стратегија за задржување на младите со стручно образование
Македонскиот образовен систем инвестира во продукција на стручен кадар за реалниот сектор. Директорите на штипските училишта посочуваат дека учениците во дуалните паралелки добиваат месечни стипендии од Министерството за образование, праксата во компаниите им е обезбедена. На учениците и родителите се им е бесплатно, како трошок им останува само да си ја платат храната на големите одмори.
-Треба да го земеме предвид фактот дека кај нас образованието е задолжително, меѓутоа дека учениците еве конкретно имаат бесплатен превоз, ние имаме ученици коишто гравитираат од другите општини и тој превоз им е обзебеден. Значи имаат и бесплатни учебници, толку-колку што ги има во овој момент, значи единствено само има потреба да платат исхрана, меѓутоа треба да се земе во предвид и фактот дека добиваат голем бенифит со тоа што учат во нашата општина и нашето училиште и им се обезбедува иднината, вели Шалева директорка на СОУ „Коле Нехтенин“.
Директорката на средното медицинско училиште „Јане Сандански“, Николиќ додава дека за да младите останати во нашата држава и да има поврат на вложените финансиски средства во средношколците, потребно е МОН заедно со Стопанската комора да направат одредени олеснувања за компаниите, едно од нив е и поголем дел компании да бидат верифицирани за дуалното образование.
-Ова е со цел за да може што поголем број на компании да се верифицираат и самите да изразат желба дека сакаат да се верифицираат и да бидат дел од дуалното образование. Вториот момент е да се овозможи преку Закон да се направи финансирање на компаниите, за да може компаниите да бидат стимулирани да прифатат ученици на практична обука, во исто време да ја подобрат сопствената економија, во поглед на тоа дека следните четири години ќе создадат кадар, кој ќе остане во нивните компании, вели Николиќ.
Штипската компанија „Актива“, која своите производи ги извезува надвор од државата и има сертификат за учество во тендери за НАТО пазарот, неколку години наназад е партнер на средните стручни училишта во Штип. Сопственикот на „Активо“, Иле Николов за МИА вели дека од стотина ученици поминати на пракса, во компанија останале да работат одвај четири, иако во оваа компанија просечната нето плата е 650 евра, а дополнително имаат бесплатен превоз и исхрана, кои по работник чинат дополнителни 200 евра. Постојано има отворени огласи за вработување, во моментов слободно може да вработи 40 работници.
-Иселувањето веќе станува социјален проблем. Ние како компанија нудиме еве и солидни плати, добри работни места, добри услови, идеални услови за работа. Во нашата компанија многу подобри се условите, отколку на Западот, веќе добро се платени солидните работници. Меѓутоа ова е веќе едно помодарство, едно проклетство што го фати овој наш регион. Од друга страна и родителите си сносат одредена вина. Тука проблемот е поширок и треба да се зафати сериозно и Владата со овој проблем, вели Николов.
Според него една од причините за заминување на дел од овие работници е нивното задолжување, меѓудругото и со игрите на среќа во коцкарниците.
-Еден од основните предуслови на нас што ни бегат младите работници не се ниту малите плати, ниту условите за работа. Еден од основните проблеми во нашето општество е отварањето на тие кладилници и коцкарници и самите гледате, во централното градско подрачје на Штип од 10 до 15 такви обложувалници и понатаму се отвараат на секое ќоше. Младите луѓе сакале, не сакале ќе влезат. Во мојата фирма има многу случаи доаѓаат работници и ми бараат аванс за да ги вратат долговите, а дополнително и измислуваат и разни изговори дека некој од семејството му е болен. Најде се начин да се бара аванс, а позадината е дека на него му требат пари, оти изгубил пари во коцкарниците, вели Николов.
Универзитетскиот професор по социологија на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“, Страшко Стојановски забележува дека доколку стратегијата на државата е вложување во образование, мора да има стратегија барем на среден рок, која ќе важи во наредните 10 години и од неа нема да отстапи ниту една од политичките гаранитури, која доаѓа на власт.
-Сведоци сме дека барем последните неколку години интензивно младите се враќаат кон техничките струки, но не кон сите технички струки, тие традиционални професии, коишто ги познаваме од минатото, туку тоа се професии, кои би рекол дека се карактеристични за денешното време, на пример информатичките технологии, понатаму вештачката интелигенција, која се повеќе и повеќе ќе станува актуелна. Ние веќе имаме и студиски насоки на Факултетот за информатика кои се однесуваат и наставни курикулими коишто се однесуваат на оваа проблематика. Индустријата интересно е дека многу брзо се развива во овој правец, мислам дека од Стопанската комора спомнаа дека веќе една милјарда надминува приходот или придонесот, што го имаат информатичките технологии во развојот на македонската економија, вели Стојановски.
Според него треба да спроведат соодветни политики на олеснување на даночни политики и флексибилно работно време и како што вели државата не смее да прави експерименти со даночната политика, каков што беше примерот со скалестиот данок, кој информатичарите ги принуди да отварат сметки во соседните држави, а нашата држава изгуби многу.
– Замислете, колкави средства до ден денес се одливаат во економиите во соседството, иако дел од тие средства се пренесуваат , но поминуват преку нивниот банкарски систем. Државата не смее да прави егзибиции или експерименти. Мора да оди со низок данок, рамен данок, па дури и регресивни даночни стапки кога се работи за нови технологии, со цел да се стимулира развојот на индустријата и никако да се оди кон хиперрегулација, без барање на соодветниот сектор, вели Стојановски.
Николов сопственикот на фирмата „Актива“ вели дека Стопанска комора на Македонија веќе имаат направено одредени Програми и барања, кои треба да се достават до Владата и Министерството за образование и наука, за да се преземат одредени мерки за решавање на овие проблеми на темата средно стручно образование и причините за иселување на младите, кои ги потенцираат како бизнис секторот. Според Николов мора под итно да се преземе акција за овие проблеми, преку стратегија, посебни проекти, средби со младите и нивните родители. Од Министерството за образование и наука најавија дека новата министерка, која е само две недели на ова работно место во наредниот период ќе има средба со сите чинители на оваа тема.
Освен стопанството и македонскиот образовен систем во криза со стручен кадар
Освен компаниите што се соочуваат со недостиг на стручен кадар, овој проблем важи и е присутен и во македонските основни и средни училишта. Раководителот на Секторот за образование во Општина Штип, Снежана Санева за МИА вели дека според неформалните анализи на Секторот за образование во Општина Штип најмногу недостигаат професори по физика, математика, физичко образование, хемија и биологија. Ова го потврдува и директорката на средното медицинско училиште во Штип, Марија Николиќ која вели дека се соочила со сериозен проблем оваа година и по предметот историја, како училиште биле принудени за 200 ученика во јуни да организираат и полагање на годишен испит по историја.
-Ние имавме случај колега останува на боледување во февруари, кој пред две-три недели почина. Ние не можевме да најдеме наставник по историја. Од Агенцијата за вработување од Кратово имаше двајца историчари невработени, но кога дојде моментот да дојдат за два до три месеца да работат, луѓето кога си ја направија математиката дека три месеци секојдневно треба да патува на реалција Кратово-Штип и во обратна насока и висина на платата која ќе ја добиваат, колегите не прифатија, рече Николиќ.
Таа побарала и од Агенцијата за вработување во Штип податоци дали има невработени наставници по одредени струки и тоа по хемија, биологија, историја, физика, математика, бидејќи дел од вработените наставници за една до три години ќе заминат во пензија.
-Од Агенцијата во Штип ми дадоа бројки нула, нула. Значи ние веќе немаме кадар во образованието и кадарот што лично го познаваме еве бил математичар, хемичар, завршил биологија, историја е вработен во реалниот сектор. Овој кадар веќе си работи, сосема друга работа, земаат над 1.000 евра плата и кој од нив би влегол во образование за да работи и тоа прво како приправник, а во првите две до пет години и не му е решен трајно статусот, изјави Николиќ.
Посочува дека во моментов бара наставник по биологија. Нејзина колешка по биологија со години работела како замена низ училиштата во Штип, но не и бил решен статусот, па заминала во реалниот сектор.
-Колешката долги години на замена работеше, а сега е во приватен сектор. Кога и се јавив на колешката првото прашање и беше: Дали овојпат ќе ми се регулира статусот како наставник? Ми вели но, ако за две години ти не си директор, кој на мене ќе ми гарантира јас нема да го доживеам истото, истакна Николиќ.
Таа додава дека пред неколку дена во посета на штипското медицинско училиште биле колеги од стручно училиште во Хрватска, проблемот со наставниот кадар во оваа земја е решен со висината на платите.
-Платите на наставниците во Хрватска се околу 2.000 евра. Директорката на средното стручното училиште од Хрватска која беше во посета на нашето училиште вели проблемот со недостиг на наставници е решен со висината на плата, бидејќи какошто вели имало колеги кои по одредени предмети патувале и по 50 километри до училиштето и не им е проблем далечината, поради добрата патна инфраструктура. Доколку ние ги имаме тие услови, на пример на колега од Берово нема да му биде проблем да дојде во Штип и да држи часови, вели Николиќ.
Од Министерството за образование и наука за проблемот со недостиг на наставен кадар велат дека ова им е еден од прироритетите за решавање.
– Во моментов се прибираат податоци од општините со цел, да им се излезе во пресрет и подобро да се организира воспитно – образовниот процес од септември, од сите можни аспекти. Ќе се заложиме за анулирање на недостигот на наставен кадар преку стимулирање на младите да ја одбираат оваа професија, преку реформа на наставничките факултети, а се дискутира и за зголемување на дел од постојните и воведување на нови категории на стипендии. Секако, важен фактор е наставничката плата, која постепено ќе се зголемува во текот на мандатот, велат од МОН за МИА.
На веб страницата на Агенцијата за вработување на 11 јули има податок дека слободни работни места во образованието на ниво на држава има за 125 лица. Овие податоци на Агенцијата за вработување варираат, па може да се намалат или зголемат.
Најбарани занимања во државата според Агенцијата за вработување се хигиеничар, продавач, општ работник, келнер, готвач, програмер, возач на камион, касиер и други. Додека по центри најголем број на отворени и слободни работни места има секако во Скопје. Во главниот град се бараат 6.370 работници од сите струки, а потоа следува Тетово со 605. Додека во Пробиштип има слободно работно место само за еден работник. Во земјава реалниот и државниот сектор има потреба од вработување на 9.682 лица од речиси сите струки и степени и на образование.