Две жртви и двајца преживеани во падот на хеликоптерот крај грчки Самос

Двајца членови на екипажот загинаа а другите двајца го преживеаја падот на хеликоптерот со четиричлен екипаж, кој во средата попладнето учествувал во гаснење на шумски пожар а се урна југозападно од егејскиот остров Самос, прнесуваат грчките медиуми.

Од противпожарната служба на Грција попладнето веднаш по несреќата соопштија дека станува збор за хеликоптер од типот „ER-MHY (Mi-8 MTV-1)“, кој бил изнајмен за помош во гаснењето на пожарот.

Членови на екипажот се двајца се романски државјани, еден државјанин на Молдавија и еден Грк, а несреќата ја преживеале едниот Романец и Молдавецот, додека, пак, животот го загубиле Гркот и вториот Романец.

Во спасувачката акција жив беше пронајден пилотот на хеликоптер, потоа беа пронајдени безживотните тела на двајца членови на екипажот, додека, пак, четвртиот член, вечерва беше пронајден жив на копно и веројатно сам со пливање успеал да се спаси.

Во спасувачката акција учествуваа бродови на крајбрежната служба, два хеликоптера, волонтери и приватни рибарски чамци.

Според грчката телевизија ERT, хеликоптерот паднал од мала височина, односно кусо откако наполнил вода од морето и во моментите кога почнал да се оддалечува од површината.