Движењето на предметите во судовите се врши преку АКМИС системот и досега не се забележани случаи на доделување предмет на рака. Тоа го покажал годишниот надзор над функционалноста на овој систем спроведен од работната група на Министерството за правда.
Заклучните согледувања беа претставени денеска во Скопје на конференција „Право на независен и непристрасен суд – Автоматска распределба на предметите – АКМИС систем, Закон за управување и движење на предметите“, организирана од Министерството за правда со поддршка од Американската амбасада.
Министерката за правда Рената Дескоска, рече дека со преземените реформи во правосудството е воведен задолжителен редовен надзор над функционалноста на АКМИС системот од страна на Комисија во која учествуваат судии, информатичари, администрација и надворешни експерти.
Досега комисијата извршила увид во функционалноста на АКМИС системот во осум од 16 судови и тоа во Управниот суд Скопје, во Вишиот управен суд, во Основниот кривичен суд Скопје, Основниот граѓански суд Скопје, Основниот суд во Кавадарци, во Кавадарци, во Куманово и во Тетово.
– Од извршениот увид е заклучено дека движењето на предметите во судовите се врши преку АКМИС системот, распределба и прераспределба на предмети се врши електронски и не се забележани случаи на доделување предмети на рака. Дека судиите редовно вршат прием на предмети електронски и изземање судии се врши по законска процедура и врз законски основи, истакна Дескоска.
Таа посочи дека е во тек изготвување нов закон за управување со движењето на предметите во судовите со кои се зајакнуваат механизмите за автоматска распределба на предметите, се врши прецизирање на надлежностите на телата и органите задолжени за примена и контрола на АКМИС и на законски основ се прецизира задолжителноста на користењето на Автоматизираниот систем за управување со предметите во судот.
Судијата Лазар Нанев, кој зборуваше за АКМИС системот, посочи дека не може да се замисли транспарентен, ефикасен и независен судски систем без функционален АКМИС систем.
– АКМИС системот претставува крвоток што содржи 85 регистри на предмети, 99 видови предмети, иницијални акти и видови категории, 29 видови процеси, 1575 основи, 92 видови причини за одбивање поднесок, 69 причини за запирање на постапката и 30 причини за прекин. Дефинирани се 33 типови на правни лица, 39 учесници на предмети, 1236 податоци со имиња на адвокати, нотар и медијатори. Или преку 8.000 функции во АКМИС системот, изјави Нанев.
АКМИС системот првпат почна да се користи во 2006 година во апелациските судови во Скопје и Кавадарци и досега се направени 33 корекции.