„Движење на народот“ е новата партија на Скендер Реџепи-Зејд: Народот сам мора да си ја промени состојбата, а не Господ

„Добар почеток на политичкото патување, кое ќе ни овозможи да ја задржиме насоката започната многу порано, но сега со новиот политички концепт под чадорот на Движењето на народот“ – напиша вечерва на 9.9.2023 година пратеникот Скендер Реџепи – Зејд на својот фејсбук-профил, објавувајќи дека и официјално е основана новата политичка партија во албанскиот политички блок со одржувањето на нејзината основачка конвенција.

Тој објавата на фејсбук ја напиша под наслов „Движење на народот“, нагласувајќи кое ќе биде името на партијата, што ја основа и која ќе ја води тој.

ТВ 21 ја пренесува изјавата на Скендер Реџепи – Зејд по повод втемелувањето на новата албанска политичка партија: „Господ нема да ја промени состојбата на народот, туку народот мора сам да го стори тоа. Инспирирани сме од изреките на нашите предци дека љубовта кон татковината е карактеристика на луѓето, кои сакаат да го променат општеството. Инспирирани сме од изреката дека ако сакаме да го промениме светот, мора да бидеме пример, додека помалку зборуваме, затоа што зборот сам по себе не го менува светот. Затоа денеска со гордост и достоинство велам дека ова тело, оваа група ќе го промени светот, затоа што тоа е најдобриот пример кој може да го има некој“.

На основачката конвенција тој го нагласи „политичкото движење на народот со политичкиот концепт и под чадорот на Движењето на народот“. Останува да се види дали дел од тоа „политичко патување“ и неговиот нов политички концепт ќе биде и „патувањето на албанските општини во * Македонија кон Европската унија одделно од македонските општини, за да не бидат нашите деца заложници на група македонски националисти“, како што кажа неодамна во својата скандалозна закана, ако не се усвојат промените на македонскиот устав.