Оддалеченоста којашто електричните автомобили може да ја минат во зимски услови со полна батерија е до третина помала отколку што се рекламира, пишува британскиот специјализиран магазин What Car?.
Новинарите на списанието за таа цел тестирале десетина електрични автомобили по студено време.
Од тестовите произлегува дека моделот „Funky Cat First Edition“ на кинескиот производител „Ora“ имал најголема разлика меѓу декларираната и вистинската оддалеченост меѓу анализираните автомобили, пренесува агенцијата DPA.
Кинескиот електричен автомобил изминал само 209 километри пред да запре, што е за околу 33 отсто помалку отколку рекламираните 311 километри. Втората најголема разлика од 32 отсто ја имал моделот „Megane E-Tech“ на францускиот производител „Renault“.
Најпрецизно до декларираната оддалеченост, со 16 отсто разлика, минал моделот „Ariya“ на јапонски „Nissan“, а на второто место со 18 отсто разлика е моделот „Model Y“ на американскиот производител „Tesla“
Сите автомобили имале полна батерија и во текот на ноќта биле оставени на отворено, на температури меѓу 0 и 2 Целзиусови степена, пред да бидат возени на локацијата за тестирање каде што биле симулирани вистински услови на различни видови патишта.
„Сѐ поголем број луѓе поседуваат или размислуваат за купување електрични автомобили и затоа е важно да се разберат предностите и недостатоците на оваа технологија, особено колку далеку ќе може да се движи меѓу полнењата“, изјави Вил Најтингел, шеф на тимот за тестирање на британското списание.
„Иако се знае дека студеното време негативно влијае врз перформансите и ефикасноста на батериите, особено доколку се користи системот за греење на автомобилот, тестирањето на вистинската измината оддалеченост коешто го спроведува What Car? Е осмислено на купувачите на таквите автомобили да им се пружи најјасното можно разбирање колку километри по правило ќе може да минат во британските зимски услови“, вели Најтингел.
Сепак, тој заклучува дека и покрај тоа што презентираните податоци не одговараат на вистинските, јасно е дека многу од тие електрични автомобили сѐ уште имаат предност, бидејќи се на поевтин погон од бензинските или дизелските еквиваленти, под претпоставка дека може да бидат полнети во домашни услови.