За разлика од претходната учебна година кога имавме 97 дуални паралелки, годинава во конкурсот што е објавен за средните училишта има 225 дуални паралелки и се склучени договори со над 450 компании, информираше заменик министерот за образование и наука Лулзим Алиу, кој денеска ги посети средните училишта во Струмица, кои имаа отворен ден за упис на нови ученици.
Според него, интересот за ова образование расте од година во година, бидејќи ресорното министерство цени дека иднината е во средното стручно образование, односно во дуалните паралелки кои веќе имаат направени договори и учениците ќе знаат во кои компании да се остручат.
-Се надевам дека ќе има интерес од идните средношколци бидејќи Министерството тоа го стимулира со стипендии од 3.500 денари месечно за цела учебна година, а и самите компании дополнително можат да ги мотивираат за да се запишат во овие паралелки зашто тие се нивните идни работници, изјави заменикот министерот за образование и наука, Лулзим Алиу.
Директорот на СОУ „Никола Карев“, Драган Јанков, е задоволен од денешната презентација на училиштето на отворениот ден и интересот од завршените деветтоодделенци бил голем. Годинава во училиштето треба да се запишат ученици во 16 паралелки, од кои 10 се со четиригодишно образование и шест со три, како и во паралелките во дуалното образование, а се направени и договори со многу компании каде учениците ќе одат на практична настава.
(МИА)