Двоцифрен раст на кинескиот извоз во мај

Кинескиот извоз силно пораснал во мај, благодарејќи на укинувањето на строгите епидемиолошки мерки за сузбивање на коронавирусот во економскиот центар Шангај и престолнината Пекинг кој ја закочиле трговската размена во април, покажаа објавените во четвртокот официјални податоци.

Извозот во мај пораснал за 16,9 отсто во однос на истиот месец минатата година, по 3,9-процентниот раст во април, соопшти кинеската царинска управа. Закрепнал и увозот, со стапка на раст од 4,1 отсто, по априлската стагнација.

Со тоа, вишокот во трговската размена на Кина со светот скокнал за 54 отсто во однос на ланскиот мај, на 78,7 милијарди американски долари.

Закрепнувањето на трговијата веројатно ќе продолжи, доколку кинеските власти повторно не воведат строги епидемиолошки мерки, оценува за Reuters Ајрис Панг економистка во ING.

Според најновата прогноза на Организацијата за економска соработка и развој (OECD), растот на кинескиот бруто домашен производ (БДП) ќе забави годинава на 4,4 отсто, поради строгите епидемиолошки мерки во клучните економски центри Шангај и Пекинг на почетокот од годинава.

Следната година, пак, растот би требало повторно да забрза на 4,9 отсто, пресметале во OECD, прогнозирајќи дека кинескиот извоз ќе остане релативно силен, имајќи предвид дека компаниите континуирано ги зголемуваат уделите на странските пазари.