Не би се согласил дека со реизборот на претседателот Ѓорге Иванов може да се влезе во криза, далеку е од тоа. Граѓаните ќе покажат кој кандидат ќе се избере. Јас очекувам, според нашата пракса, партиските гласачи да одлучат кој ќе биде идниот претседател на државата, вели вицепремиерот Муса Џафери во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
„Нашиот менталитет навикна на тоа дека секој политички предлог што ќе го види е некоја конспирација и личи на некоја игра. Мислам дека тука е во прашање многу легитимен политички став на нашата партија за избирање на претседателот на државата преку некој компромис, договор или консензуален кандидат. Времето ќе покаже дека тоа не била никаква игра, туку дека биле легитимни, оригинални ставови на партиите, во овој случај на нашата партија за консензуален претседател на државата“, вели Џафери во интервјуто.
Во врска со тврдењето на неколку албански интелектуалци дека кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, би бил прифатлив консензуален кандидат, Џафери вели: „тоа се мислења од интелектуалци или јавно мислење што демократски е во ред, дека тоа треба да се тестира во јавноста, што би значело и што мисли јавноста, професори, политички субјекти, функционери, невладини организации, тоа ќе се докаже при изборите кој е поприфатлив, но тоа е сосема друг пристап, кога се оди на избори.“
Нашата цел или нашата идеја, вели Џафери, беше дали може преку консензус да се најде моделот за претседател на државата, кој, релативно речено, може да ги претставува сите граѓани од функцијата претседател на државата.