Пратеникот на ДУИ, Талат Џафери, во средата рано утрото дојде во Собранието и влезе во кабинетот претседателот на законодавниот дом, потврдиле за МИА собраниските служби.
Џафери минатиот четврток по завршувањето на продолжението на конститутивната седница по предлог на СДСМ и со поддршка на пратениците на албанските партии беше прогласен за нов собраниски спикер.
Веднаш потоа, како прв гостин на Џафери во неговиот Кабинет дојде амбасадорот на Европската унија, Самуел Жбогар.
Во првите фотографии испратени до медиумите, видливо е дека Џафери на работната маса во својот кабинет веднаш го поставил албанското државно знаме, покрај знамињата на Република Македонија и на Европската унија.
Тоа доведе до изблик на револт кај граѓаните кои два месеца пред Собранието протестираат против Тиранската платформа, како услов албанските пратеници да му дадат поддршка на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, да го добие мандат за состав на влада. Притоа во парламентот се одиграа немили сцени, во кои беа повредени неколкумина пратеници и оштетен инвентар во парламентот.
Најголемата пратеничка група во парламентот, на ВРМО-ДПМНЕ со 51 од вкупно 120 мандати, како и поголемиот дел од стручната јавност сметаат дека изборот на Џафери е нелегитимен и изведен надвор од Деловникот на Собранието и од Уставот.