
Американскиот економист Џефри Сакс смета дека САД треба да придонесат многу повеќе во совладувањето на бегалската криза, тврдејќи дека САД ја предизвикале кризата.
Тој вели дека ЕУ е наивна во врска со договорот со Турција.
– Главни виновници за актуелната бегалска криза се САД, бидејќи имаат главна улога во војната во Сирија. Соборувањето на Асад е иницирано од САД, финансирано од Саудиска Арабија и потпомогнато од Турција, критикува Сакс, пренесува МИА.
Поради тоа, тој бара поголемо ангажирање на САД.
Сакс смета дека прво треба да запре војната, а потоа да се пронајде решение за бегалската криза.
Негов став е и дека ЕУ несериозно се однесува во бегалската криза.
– ЕУ смета дека со плаќање милијарди на Турција ќе го реши проблемот. Тоа е наивно, нагласува Сакс и додава дека преговорите со Турција не се решение на проблемот туку само управување со кризата.
– Не постои економска стратегија. Што ќе се случи со планот на Јункер. Никој веќе ништо не чул за него. Тоа не е само тажно туку и трагично, потенцира Сакс.