Во последниот меч во саботата од 25-то коло на италијанското фудбалско првенство Џенова го победи Интер со 2:0, забележувајќи ја петтата последователна домашна победа против „нераѕурите“.
Џенова поведе во последните минути од првиот дел по трагикомичниот потег на одбраната на Интер. Една лесна топка упатена во казнениот простор на гостите, Милан Шкрињар сакаше да ја исфрли, но го погоди Андреа Ранокиа од кого топката се одби во голот.
На 2:0 зголеми капитенот на македонската репрезентација и поранешен играч на Интер, Горан Пандев во 59 минута. До крајот на мечот Џенова успеа да се одбрани и да ги освои трите бода против очајниот Интер кој во последните десет кола забележа само една победа.
Интер падна на четвртото место на табелата со 48 бодови, два повеќе од Лацио кој во понеделник ја пречекува Верона. Џенова, пак, е моментално на 12-то место со 30 бодови.
Во претходно одиграниот дуел Рома во Удине со 2:0 беше поодбра од Удинезе, а головите беа постигнати во последните дваесет минути. Гостите поведоа во 70 минута со убавиот гол на Ченгиз Ундер од 20-ина метри, а победата на „волчицата“ ја потврди Диего Пероти во последните моменти од мечот. Рома со трите бода го истисна Интер од третата позиција во Серија А и има 50 одови, додека Удинезе е на 10-то место со 33 бодови.
Во дербито на долниот дел од табелата, Киево го совлада Каљари со 2:1, и освои важни бодови во борбата за зачувување на прволигашкиот статус. Домашните поведоа во 75 минута преку Емануел Џакерини,м а две минути подоцна на 2:0 зголеми Роберто Инглезе. Малку надеж за гостите донесе Леонардо Паволети.
Киево сега има 25 бодови и е на 14-то место, додека Каљари има остана со исто толку бодови, сега место подолу.
Во недела се игра градското дерби Торино – Јувентус, а играат уште и Беневенто – Кротоне, Болоња – Сасуаоло, Наполи – СПАЛ, Аталанта – Фиорентина и Милан – Сампдорија. Во понеделникот колото ќе го затворат Лацио и Верона.