Џихадисти на Исламска држава киднапирале најмалку 36 жени и деца

Екстремистите на Исламска држава во сирискиот регион Сувеида киднапирале 36 жени и деца, припадници на етничкото малцинство Друзи, кои џихадистите ги сметаат за еретици, пренесе Би-би-си.

Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон и локалниот сајт на Сувеида објавија дека се верува дека киднапирањата се случиле во текот на минатонеделните напади на Исламска држава во тоа подрачје, каде што мнозинството население се Друзи, трето по бројност верско малцинство во Сирија.

Се наведува дека во самоубиствените бомбашки напади на исламистите загинале најмалку 215 луѓе.

Сириската влада го контролира поголем дел од регионот Сувеида, додека екстремистите на Исламска држава таму држат помал дел од територијата. Се наведува дека сириската војска, со поддршка на Русија, неодамна започнала кампања за преземање на преостанатите џихадистички и бунтовнички области.

Се наведува дека по киднапирањето, некои од жените успеале да избегаат, додека две загинале. Исламска држава засега не се огласила по повод киднапирањето.

Не е познато ни дали се почнати преговори за ослободување на заложниците.