Џихадистите се повлекуваат од Рака по договорот со силите поддржани од САД

Арапско-курдската коалиција Сириски демократски сили (SDG), во кој главната сила ја сочинува курдската милиција Единици за заштита на народот (YPG), кои се поддржани од САД, соопштија дека последните борци на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава биле евакуирани од нивниот долгогодишно упориште сирискиот град Рака, како дел од меѓусебниот договор.

„Изминатата ноќ последната група милитанти (кои се согласија да заминат) го напуштија градот“, изјави портпаролот на SDF Мостафа Бали во неделата, без да објасни во кој правец се префрлени терористите на Исламската држава. Додал дека џихадистите одбиле да ги ослободат цивилите коишто ги земале како човечки штит сѐ додека не пристигнат до нивната дестинација.

Омар Аљуш, висок претставник на неформалната граѓанска група Свест за Рака, во изјава за AFP потврдил дека е постигнат договор да им се дозволи на милитанти, меѓу кои има и џихадисти по потекло од Сирија и оние дојдени од странство, да заминат од градот. Според него, „можно“ е тие да се превезени во соседната покраина Деир-ез-Зор, каде што во тек се жестоки судири на сириските владини сили со Исламската држава.

Евакуацијата во тој правец доаѓа во време на големото напредување на сириските владини сили во покраината Деир-ез-Зор, каде што Исламската држава е поред целосен пораз. Во саботата силите на Дамаск го ослободија стратешкиот град Мајадин, повеќе од еден месец откако ја пробија тригодишната опсада од страна на џихадистите на соседниот град Деир-ез-Зор.

Претходно во неделата, руското министерство за одбрана соопшти дека американската војска го намалила интензитетот на своите воздушни удари во Ирак за да им овозможи на џихадистите да се префрлат на територијата на соседна Сирија и обвини дека САД само декларативно се борат против Исламската држава.

Според аналитичарите, планот на Вашингтон е да се исчисти територијата што ја контролира Исламската држава и таа да им биде дадена под контрола на опозициските сунитски групации кои ја имаат неговата поддршка и да се насочат џихадистите кон боиштата каде што се судираат со владините сили на Сирија и нивните сојузници.

Опозициската Сириска лабораторија за човекови права (SOHR), со седиште во Лондон, неодамна објави дека САД извршиле воздушни напади врз неколку командни позиции на Исламската држава во Деир-ез-Зор, како и на оние каде што сириските владини сили ги држеле заробените терористи.

Офанзивата на SDF со воздушна поддршка од коалицијата предводена од САД а на теренот од американски специјалци, започна на 6-ти јуни. Нури Махмуд, портпарол на овие сили, изјави дека Исламската држава е „на работ да биде исчистена од Рака во следните денови“.

Сириските владини сили и нивните сојузници од регионот, како либанското шиитско движење Хезболах , исто така, беа вклучени во битките околу Рака, а операциите на опозициските сили беа без координација и ја зголемија опасноста од конфронтација меѓу двете сили. Дамаск изминатите седмици обвини дека SDF неколкупати наводно ги гранатирал позициите на сириската владина армија. Минатиот месец опозициските милитнати направија брза операција за да заземат неколку полиња во богатата со нафта покраина Деир-ез-Зор, откако сириската војска ги проби позициите на Исламската држава.

Во неделата Reuters пренесе дека одлуката на SDF да го забрзаат крајот на битката за Рака дозволувајќи им на борците на Исламската држава безбедно да го напуштат градот е во спротивност со декларираните цели на Вашингтон и претходните забелешки на преговорите за безбедно евакуирање на терористите од градот.

Полковникот Рајан Дилон, портпарол на коалицијата предводена од САД, вели дека коалицијата не била вклучена во договорот и во евакуацијата на џихадистите, но додава дека „Можеби не секогаш потполно се согласуваме со нашите партнери, но мора да ги почитуваме нивните одлуки“.

Американската помош, инаку, им помогна на курдските борци да ја преземат доминацијата врз арапското мнозинство во овие сили, што може да доведе подоцна до разгорување на натамошни тензии во областа.

Рака беше првиот голем сириски град кој го нападна Исламската држава во ненадејната офанзива од летото 2014 во Сирија и Ирак, кога беше прогласена за престолнина на „калифатот“. Градот беше оперативен центар за планирање на терористички напади во странство, а во него често беа изведувани масовни брутални егзекуции на противниците на Исламската држава.