Џикиќ: Ветувањето е половина пат до лагата

Челниците на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) го промовираа новиот селектор на репрезентацијата Србинот Александар Џикиќ. Договорот на новиот македонски селектор има важност од две години, период во кој треба да не однесе на Европското првенство во Украина во 2015 година

”Чест ми е да бидам селектор на националниот тим во земја каде кошарката се сака. Иако сум овде странец, не се чувствувам така и ќе направам се за довербата што ми се укажува да ја оправдувам. Имаме многу работа, имаме и време, и мислам дека ова ќе биде добро искуство и за мене и за МКФ”, изјави Џикиќ на денешната промотивна прес-конференција.

Тој додаде дека ќе ја почека жрепката за квалификациите за Европското првенство во Украина, а потоа ќе се дефинираат приоритетите, но секако останува основната цел, пласман на овој евро-шампионат. Србинот најави и подмладување на репрезентацијата, но не по секоја цена и не, како што рече, со сола.

“Ако се биде во ред со нивниот развој очекувам неколку играчи да бидат носители на играта на репрезентацијата во иднина. Но тоа не значи дека се откажуваме од поискусните и ќе поразговарам со дел од играчите кои најавија повлекување”, рече Џикиќ.

Србинот додаде и дека не скаа да ветува дека ќе ја однесе Македонија на ЕП во Украина, но дека верува оти може да го стори тоа

“Верувам дека можам да ја однесам Македонија на ЕП, но прво да ги видам противниците во квалификациите. Лесно е да се очекува, но треба да се биде реален. Многу работи ќе зависат и од ждрепката и затоа планираме да одиме чекор по чекор. Не сакам да ветувам, бидејќи за мене тоа е половина пат до лагата”, додаде Џикиќ.

Александар има богато кошаркарско искуство како тренер, а покрај неколку европски клубови во 2005 година работеше и како помошник тренер на НБА тимот Минесота Тимберволвс.