Поранешниот шеф на британската дипломатија и лондонски градоначалник во два мандата, Борис Џонсон, доби поддршка во своите настојувања да ја наследи премиерката Терезе Меј, откако еден од неговите поранешни големи ривали, Мет Хенкок, во понеделникот рече дека е речиси сигурен дека тој ќе победи.
Министерот за здравство Мет Хенкок, кој испадна од трката за наследник на челното место на владејачката Конзервативна партија во петокот кога освои само 20 гласови во првото гласање на конзерватовните пратенмици, рече дека Борис Џонсон е најдобриот кандидат да ја води партијата.
„Борис водеше дисциплинирана кампања и речиси сигурно ќе биде нашиот нов премиер. Луѓето поради повисоки цели мора да ги остават настрана своите разлики во ставовите. Сметам дека треба да настапиме заедно, и тоа подобро е да се почне порано отколку подоцна“, напиша Хенкок во текстот објавен во весникот The Times.
Кризата околу излегувањето на Обединетото Кралство од Европската унија би можела да се продлабочи, бидејќи Џонсон, официјалното лица на кампањата за брегзитот пред референдумот во јуни 2016 година, вети да ја изнесе земјата од ЕУ со договор или без него.
Џонсон во првиот круг доби поддршка од 114 пратеници на Конзервативната партија, од 313 колку што гласале. Од другите десет кандидати најуспешни беа актуелниот министер за надворешни работи Џереми Хант со 43, министерот за екологија Мајкл Гоув со 37, и поранешниот министер за брегзит, Доминик Рааб, со 27 гласови. Од трката испаднаа Андреа Лидсом, Марк Харпер и Естер Меквеј. Обложувалниците и пред првиот круг му даваа на Џонсон 70 отсто шанси за преземање на „Ториевците“.
Вториот круг од гласањето ќе се одвива во вторни, а резлултатот ќе биде објавен околу 17 часот по локално време. Секој кандидат со 32 гласа или помалку ќе биде елиминиран. Доколку сите кандидати имаат повеќе од 32 гласа, ќе биде елиминиран оној со најмалку.