По успешноста на фабриката во Штип, Џонсон Контролс отвора нов капацитет во Струмица. Станува збор за инвестиција вредна 20 милиони долари која ќе отвори 1.500 нови работни места.
Како што соопштија денеска директорот во „Џонсон Контролс“, Вили Ван Лои и директорот на Дирекцијата за Технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо по средбата со премиерот Никола Груевски, инвестицијата ќе стартува како браунфилд, во постоечка зграда, а потоа ќе прерасне во гринфилд.
– Се соочувавме со капацитетски предизвици во Европа поради што направивме опсежни анализи и заклучивме дека треба да инвестираме тука, рече Ван Лои.
Според Мизо, фактот дека Џонсон Контролс реинвестира во Македонија е потврда за успешноста на владините политики за креирање поволна бизнис клима.
– Џонсон Контролс трипати инвестира во Македонија, прво во Скопје во 2006 година, потоа во Штип во 2011, а сега и во Струмица, истакна Мизо и додаде дека веднаш ќе се пристапи кон активностите за адаптирање на индустриската зона во Струмица.
Инвестицискиот план предвидува првите вработувања да бидат до крајот на годинава.