Џорџ ќе го замени Казинс на Ол-Стар дуелот, крај на сезоната и за Роберсон

Кошаркарот на Оклахома Сити Тандерс, Пол Џорџ ќе го замени повредениот центар на Њу Орлеанс Пеликанс, Демаркус Казинс на Ол-Стар натпреварот во екипата што ја состави Леброн Џејмс, објави раководството на НБА во неделата.

Казинс пред две седмици доживеа повреда на Ахиловата тетива, поради којашто ќе го пропушти остатокот од сезоната, а требаше да биде во почетната петорка во екипата којашто ја избираше Џејмс. За тоа дали Џорџ ќе биде и во стартната постава ќе одлучи тренерот на екипата на Леброн Џејмс, кој сѐ уште не е именуван,. Во „Стејплес центар“ во Лос Анџелес на 8-ти февруари од другата страна ќе биде тимот што го составуваше Стефен Кари, а кој ќе го води тренерот на Хјустон Рокетс, Мајк Д’Антони.

Ноќта кон неделата се случи уште една тешка повреда во НБА лигата. На најдобриот одбранбен играч на Оклахома Сити Тандерс, Андре Роберсон, му пукнаа влакната на левата Патерална тетива, и ќе го пропушти остатокот од сезоната. Роберсон се повреди пред крајот на третата четвртина од дуелот со Детроит Пистон, кога му „пропадна“ коленото при одразот во обид да забие при едно лоб-додавање. Роберсон со болна гримаса заврши на паркетот и по неколку минути беше на носилка изнесен од теренот.

Ноќта кон неделата Мемфис Гризлис објавија дека до крајот на сезоната ќе играат без својот прв плејмејкер Мајк Конли. Тој веќе извесен период е надвор од терените, а проблемите со левата петица решил да ги реши со оперативен зафат, поради што ќе пропушти остатокот од сезоната.